Реакции по документарецот на ИРЛ за пожарот во тетовската модуларна болница

Опозицијата побара оставки и одговорност, додека надлежните институции обвинети во документарецот излегуваат со свои објаснувања

Фото: Мета.мк

Откако ИРЛ објави документарен филм со нови документи добиени од „свиркачи” за пожарот во тетовската модуларна болница, не стивнуваат реакциите за објавените сознанија. Истражувањето покажа нови сознанија, при што во документарецот се тврди дека модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и имало низа други законски пропусти.

Документарецот открива дека била поништена една тендерска постапка од Министерството за локална самоуправа, по што тендерот за изградба на модуларните болници го објавува Министерството за здравство предводено од Венко Филипче и го добива велешката компанија „Брако“ на Кочо Анѓушев.

ИРЛ во истражувањето тврдат дека јавното обвинителство не испорачало правда за жртвите во модуларната болница, иако биле отворени две паралелни постапки – од тетовското јавно обвинителство и од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Од тетовското обвинителство беше покренато обвинение за директорите Флорим Бесими и Артан Етеми за тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за непостапување по здравствени прописи за време на епидемија.

Сепак, според ИРЛ, во судскиот процес во ниту еден момент не се дискутирало за причините за пожарот, а не било презентирано ниту германското вештачење. Исто така, ИРЛ констатира дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција до денешен ден го нема завршено обвинението за својот дел од постапката што ја води.

По документарецот, се јавија со реакција од Основното јавно обвинителство, кои тврдат дека новинарското истражување имало за цел да дискредитира и апелираа за „етичност во известувањето“.

„Апсолутно невистинити се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред Судот“, се наведува во соопштението од обвинителството.

Во соопштението на обвинителството се нагласува дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција води уште еден предмет, во кој интензивно се преземаат дејствија на проверки, заради кои Обвинителството не е во можност да објавува детали.

Тие додаваат дека Основното јавно обвинителство Тетово вложило жалба, како на висината на изречената санкција за трите лица од Клиничката болница во Тетово, така и на ослободителната пресуда за еден од обвинетите.

„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија му наложи на основниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово да ја дополни жалбата со барање до Апелацискиот суд за јавна седница на која уште еднаш пред целата јавност ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка“, стои во соопштението на ОЈО.

Со реакција по документарецот на ИРЛ излегоа и дел од политичките партии во земјава.

Од ВМРО-ДПМНЕ во нивното соопштение велат дека е чуден молкот на Јавното обвинителство за модуларната болница, како и дека истражувањето на ИРЛ ги потврдило сомнежите на ВМРО-ДПМНЕ кои опозициската партија ги објавила уште пред две години.

„Чуден е молкот за пропустите на Јавното обвинителство во случајот со модуларната болница во Тетово. Срамно е што одговорноста за смртта на 14 луѓе се сведе на две – три периферни лица во системот без прецизно утврдување на вистинска одговорност. Јавното обвинителство како за овој, така и за сите други случаи амнестира од одговорност луѓе за кои има основани сомневања дека имаат пропусти во работата и криминално работат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од албанската опозициска партија Демократско движење на Изет Меџити побараа неотповикливи оставки од министрите на ДУИ во владата, како чин на морална одговорност.

Од Министерството за здравство (МЗ) излегоа со реакција на тврдењата во документарецот на ИРЛ дека се исплатени средства за изградените три модуларни амбуланти од планираните 10 за Здравствениот дом Скопје.

„МЗ изготви информација до Влада од каде се чека одговор од неколку институции дали МЗ треба да ги исплати трите направени амбуланти, од планираните 10 со што би се одбегнало плаќање на затезни камати и отштета. Оваа постапка сè уште не е завршена и од страна на МЗ самоиницијативно нема исплатено ниту денар за модуларните објекти. МЗ работи согласно законот и пред сè ги штити граѓаните и нивните права“, соопштија од Министерството за здравство.