Познати добитниците на награди на меѓународниот конкурс „Златен стрип“

На конкурсот биле доставени вкупно 171 стрипови

На овогодинешниот традиционален меѓународен стрип конкурс „Златен стрип“ се пријавиле вкупно 171 изработувачи на стрипови, а Стрип центарот на Македонија од Велес го објави списокот на наградени стрипови и автори, како дел од активностите на 20. Интернационален стрип конкурс „ВЕЛЕС 2023“- петта стрип колонија.

Прва награда на конкурсот добива стрипот „Пиг Аут“ на авторскиот тим Аљоша Томиќ, Милорад Милановиќ Маза и Марко Стојановиќ. Наградата за освоено второ место ја делат Ана и Сара Живковиќ од Белград за стрипот „MU•無“ и Даниел Данил од Романија за стрипот „Правдата на Влад Тепеш“.

Третата награда ја делат Миодраг Спасојевиќ за стрипот Феникс–Уздизање и Војдан Андонов/Цанко Стефанов за стрипот „Умри пред смрт“ („At Death’s Door“).

Награда за уметнички израз доби авторскиот тим Марко Николиќ/Марко Стојановиќ од Србија за стрипот „Господари и слуги“, а награда за најдобро сценарио добива Младен Ољача од Србија за стрипот „Моето име е“ („Мy name is“).

Во категоријата до 18 години, најдобар автор од Македонија е Елена Апостоловска-Стајковци, Скопје. Најдобар автор од други земји е Аурора Тот од Апатин, Србија. Во категоријата најдобар уметнички израз во категорија до 18 години победник е Влера Чиче од Скопје.

Во категоријата до 14 години, најдобар автор е Вилма Дамњановска од Петровец, Скопје. Пофалници добија Магдалена Маријановиќ од Ресен и Меланија Андова од Велес.

Специјална награда на Стрип центар за најдобар автор од Македонија доби Методија Стојановски од Куманово. Наградата за највозрасен учесник ја доби Тоде Блажевски од Скопје. Наградата за најмлад учесник на конкурсот ја доби Ивона Живковиќ од Лесковац.

Наградите ќе се доделат за време на свеченото отворање на Интернационалниот стрип салон „Велес 2023“, кое ќе се одржи на 23.8.2023 година со почеток од 20 часот во просториите на Europe House Велес.