Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Од подготвените дела ќе се публикува каталог каде ќе бидат објавени стриповите, а ќе бидат претставени и младите автори. Ќе се организираат и пет изложби во различни етнички и географски средини од државата

Фото: стрип центар Велес

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на програмата „Градиме нови мостови“ на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Целта  на проектот е да се зајакне капацитетот на младите луѓе без разлика на етничките разлики да користат стрипови како соодветна културна алатка за промовирање на меѓуетнички дијалог, граѓански вредности и борба против дискриминацијата.

Од Стрип центарот информираат дека ќе биде организирана четиридневна едукативна стрип-работилница во село Нежилово, на која ќе учествуваат 12 млади таленти од различни етнички и географски средини, кои заедно со координатор и едукатор треба да ги доработат и усовршат своите стрипови.

„Од подготвените дела ќе се публикува каталог каде ќе бидат објавени стриповите, а ќе бидат претставени и младите автори. Ќе се организираат и пет изложби во различни етнички и географски средини од државата. Освен делата од оваа стрип работилница, ќе бидат претставени и најдобрите дела од наградниот стрип конкурс на иста тема чии резултати ќе се објават наскоро“, информираат од Стрип центарот.