Тенисерот Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга позитивни на корона вирусот

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга се позитивни на корона вирусот, додека неговите деца добиле негативен тест од ковид-19. Новак и семенјството заминале во Белград за да се тестираат од корона вирус веднаш по објавата дека случаи на заболени се регистрирани на ревијалниот тениски турнир „Адриа тура“ во хрватскиот град Задар. Инаку, Новак Ѓоковиќ беше учесник на овој тениски турнир, којшто беше прекинат веднаш штом се дозна дека и бугарскиот тенисер Григор Димитров е заболен од ковид-19.

Во новоформираниот кластер на заболени од ковид-19 во Хрватска влегува и хрватскиот тенисер Борна Ќориќ, којшто синоќа бил тестиран заедно со 21 други учесници на тенискиот турнир. Позитивни на ковид-19 се и кондицискиот тренер на Новак Ѓоковиќ и тренерот на Григор Димитров. Инаку, Новак Ѓоковиќ изминативе денови се сретна и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој веќе се тестираше и излезе дека е негативен на ковид-19.

Тенисерот Ѓоковиќ ќе остане во самоизолација во наредните 14 дена, а вети дека пак ќе се тестира од корона вирус за пет дена. Тој додава дека нема симптоми на ковид-19, но и дека се надева оти другите заболени ќе бидат добро и нема да им се искомплицира здравствената состојба.

„Многу ми е жал поради секој поединечен случај на заболен. Ги следам изјавите на лекарите и се надевам дека бројот на новозаболени нема да се зголеми“, се вели во соопштението на Новак Ѓоковиќ.

Најдобриот светски тенисер во изминатиов период не се прослави со неговите изјави за сериозни здравствени прашања. Пред два месеца, босанско-херцеговскиот сервис за проверка на факти raskrinkavanje.ba ги анализираше советите за заштита од корона вирусот на тенисерот Ѓоковиќ и откри дека тие се погрешни, а во некои ситуации можат да бидат и многу штетни.

Новак Ѓоковиќ во минатото изјавуваше дека е противник на вакцинирањето како метод за лечење, а поради ваквиот антиваксерски став доби бројни критики од епидемиолози и доктори од целиот свет.