fbpx

Новак Ѓоковиќ со аут за корона вирусот

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Босанско-херцеговскиот сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba ги анализира советите за заштита од новиот корона вирус, кој ги споделил светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ, а ги објавила значителен број медиуми на српски, хрватски, босански јазик.

Raskrinkavanje.ba контактирал со Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“ за да провери дали навистина советите се произлезени од тенисерот, од каде што добиле потврда дека е така. Во светлината на тоа, споделените совети не треба да се послушаат оти се  погрешни, а во некои ситуации може да бидат и многу штетни, пишува сервисот за борба против дезинформациите.

Ѓоковиќ советува да се внесуваат меѓу 5 до 7 грама (5.000 до 7.000 милиграми) витамин Ц дневно,а можело и до 10 грама. Тој советува и да се консумира цинк, најдобро течен цинк, и да се зема доза три до четири пати поголема од пропишаните.

Но тие совети не се правилни, и според Медицинскиот центар „Мејо“ од САД, препорачаната дневна доза на витамин Ц не смее да биде повеќе од 2.000 милиграми (два грама) дневном, оти иако не може премногу да штети, преголемото количество витамин Ц во исхраната може да предизвика пролив, мачнина, желудечни киселини, стомачни грчеви, главоболка, несоница, пишува raskrinkavanje.ba.

Што се однесува до цинкот, повикувајќи се на статија од медицински журнал, босанско-херцеговскиот сервис порачува дека 40 милиграми дневно е најголемата дозволена дневна доза. Труењето со овој метал може да предизвика мачина, повраќање, болки во стомакот, пролив, симптоми на грип, недостиг на бакар и зачестени инфекции. Но Новак Ѓоковиќ исто така советува топла вода со лимон и сол, а raskrinkavanje.ba потсетува дека тоа е лаксативно средство, на кое неоправдано му се придаваат понекогаш и „чудесни“ ефекти за прочистување на организмот.

Во однос на советот да се пијат што повеќе зелени сокови, со магдонос, спанаќ, келераба, затоа што создавале алкална средина во организмот, што ги уништувало патогените и вирусите, босанско-херцеговскиот портал упатува на други написи од проверувачи на факти кои утврдиле дека исхраната, освен во екстремен режим, не може да ја смени пХ средината на организмот, а ваквите дезинформации произлегувале од тврдења на научници во првите децении на минатиот век, коишто потоа не се разумно докажани.

Светскиот тениски ас препорачува и консумирање колоидно сребро, односно „сребрена вода“, но за тој препарат нема издржани докази, туку напротив – докази дека може да има штетни ефекти на организмот, на пример обојување на кожата во сино, но и попречување на апсорпција на некои лекови, како оние за тироидната жлезда, пишува raskrinkavanje.ba.

Сродниот црногорски сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.me, пак анализираше вести пласирани во медиумите во оваа земја, но и во медиуми во Србија и во Босна и Херцеговина, дека наводно Шведска укинала интензивна нега за најстарите пациенти.

Тоа е невистина, пишува raskrinkavanje.me оти досега само една болница во Шведска издала приоритетна листа за пациенти во случај на навала, а Шведска нема проблеми во врска со капацитетите за интензивна нега. Притоа сервисот се повикува на пишувања на шведски медиум.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...