fbpx

Телото на Навални ќе биде задржано две недели на хемиска анализа, ЕУ бара меѓународна истрага

Во видео од понеделникот, Јулија Навалнаја, сопругата на Алексеј, директно го обвини Владимир Путин за убиство на нејзиниот сопруг и тврди дека телото се чува за да исчезнат трагите од труење со нервниот агенс „новичок“

-

Телото на Алексеј Навални, критичарот на Путин кој почина во руски затвор, нема да биде вратено на фамилијата во наредните 2 недели, пренесе Би-Би-Си.

Наводно, телото ќе биде задржано за хемиска анализа, а од руските власти нема потврда за тоа каде се наоѓа телото.

Во видео од понеделникот, Јулија Навалнаја, сопругата на Алексеј, директно го обвини Владимир Путин за убиство на нејзиниот сопруг и тврди дека телото се чува за да исчезнат трагите од труење со нервниот агенс „новичок“.

Во вторникот, портпаролот на Путин изјави дека сугестијата за труењето на Навални со „новичок“ е неоснована, Навални во 2020 година преживеа обид за убиство со нервен агенс.

Јулија Навалнаја ги замоли гледачите да застанат покрај неа и „да го споделат бесот и омразата за оние кои се осмелија да ја убијат нашата иднина“.

За смртта на Навални се дозна во петокот, а властите на затворот каде што беше држен изјавија дека тој починал откако колабирал по прошетка.

Во понеделникот, Кремљ соопшти дека истрагата за смртта на Навални е во тек и дека засега „нема резултати“.

Подоцна, портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека инспекторите и рекле на мајката на Навални, Људмила, дека нема да го предадат телото две недели додека да спроведат „хемиска анализа“.

„Тие го кријат неговото тело, не го покажуваат или даваат на мајка му и лажат. Чекајќи да исчезнат трагите од најновиот новичок на Путин“, рече Јулија.

Навални, кој беше најзначајниот лидер на руската опозиција во последната деценија, отслужуваше 19-годишна затворска казна по обвиненија кои многумина ги сметаа за политички мотивирани.

Дополнително, Европската Унија бара Русија да дозволи независна и транспарентна меѓународна истрага за околностите на неговата ненадејна смрт.

„Европската унија постојано најостро го осудуваше неговото труење и сите политички мотивирани пресуди против него за неговите легитимни политички и антикорупциски активности, повикувајќи на негово итно и безусловно ослободување“, вели високиот претставник во име на Европската унија, Жозеф Борел.

Оттаму кажуваат и дека неочекуваната и шокантна смрт на Навални е уште еден знак за забрзаната и систематска репресија во Русија и го повторуваат својот повик до Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите други политички затвореници.

„Во текот на својот живот, г-дин Навални покажа неверојатна храброст, посветеност на својата земја и неговите сограѓани и решителност, со својата антикорупциска работа низ Русија, порака што привлече многумина низ целата земја. Ова е причината зошто Путин и неговиот режим се плашеа од него, исто така во контекст на тековната нелегална агресивна војна на Русија против Украина и руските претседателски избори во март“, рече Борел.

ИзворБи-би-си

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...