Детали од договорот за тунелот на патот Тетово-Призрен: Само проектирањето за неговата изградба трае година и пол

Планираното патување на Курти со Хаскука и понатаму останува желба на многу граѓани на Косово, но и на С. Македонија, на кои ДУИ им го ветува во секој изборен процес. Според договорот, само за финализирање на документите за проектирањето на тунелот што ќе го поврзува овој пат ќе трае една и пол година, што значи до средината на 2026 година, објавува Порталб

Договор за кофинансирање за проектирање на проектот за изградба на тунелот на патот Тетово-Призрен

„Ксмет, за две-три години ќе патуваме заедно од Призрен до Тетово само за да пиеме кафе“ – вака му рече премиерот Албин Курти на 13 ноември 2021 година во едно пропагандно видео за локалните избори во Косово, на тогашниот кандидат за Општина Призрен, Митахер Хаскука, кој му вратил „на кафе, боза и баклава“.

Планираното патување на Курти со Хаскука и понатаму останува желба на многу граѓани на Косово, но и на Република Северна Македонија, на кои ДУИ им го ветува во секој изборен процес. Според договорот потпишан во Скопје во јануари годинава, само за финализирање на документите за проектирањето на тунелот што ќе го поврзува овој пат ќе трае една и пол година, што значи до средината на 2026 година. Владата на Република Северна Македонија мора да го одобри договорот на владина седница, бидејќи Владата на Косово веќе го направила тоа, пишува Порталб.мк.

Осумнаесет месеци е рокот за комплетирање на проектната документација за изградба на тунелот на патот Тетово – Призрен, а финансирањето на изградбата на тунелот ќе се врши пропорционално според должината на тунелот на територијата на секоја од државите. Ова, меѓу другото, е дел од договорот меѓу Северна Македонија и Косово за изградба на патот Тетово-Призрен, кој ексклузивно го објавува Порталб.мк.

Договорот носи наслов „Договор за кофинансирање за проектирање на проектот за изградба на тунелот на патот Тетово-Призрен помеѓу Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Република Косово“.

Договорот содржи вкупно 8 члена и е напишан на албански, македонски и англиски јазик, а доколку има несовпаѓање примарна верзија ќе се смета таа на англиски.

Во договорот нема информации за вредноста на тунелот, а за евентуални спорови меѓу двете земји не се предвидени казни, туку споровите мора да се решаваат спогодбено преку консултации.

Република Северна Македонија и Косово се согласни дека финансирањето на проектот за изградба на тунелот на патот Тетово – Призрен ќе се врши пропорционално според должината на тунелот на територијата на секоја страна, а проектирањето на секој дел и зад тунелот ќе го финансира соодветната страна.

Во однос на финансиските обврски на Република Северна Македонија и Косово, во член 3 е наведено дека Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија преку Јавното претпријатие за државни патишта ќе обезбеди средства во пропорционален износ за делот од тунелот што е во делот на Република Северна Македонија од вкупниот износ за реализација на овој проект.

Овие средства, се наведува во договорот, се предвидени во годишната програма за работа на Јавното претпријатие за државни патишта, за која дава согласност и Владата на РСМ.

Во однос на начинот на спроведување на изборот на оператор за избор на проектната документација, во член 4 стои дека ќе се формира работна група која ќе ги дефинира правилата за спроведување на актот за избор на економски оператор за изработката на проектната документација.

„Работната група ќе се состои од 10 члена, по 5 од двете страни, кои ќе ги утврдуваат процедурите и правилата за избор на економскиот оператор, кои ќе се одобрат двете влади. Нацрт-програмата за спроведување на постапката за избор на оператор за изработка на проектната документација ќе ја подготви Градежниот факултет во Скопје и ќе биде одобрена од двете министерства“, стои во член 4 од договорот.

Според овој член, комплетирањето на проектната документација за изградба на тунелот за патниот правец Тетово – Призрен се очекува да се изврши во рок од 18 месеци и ќе се утврди во договор со економскиот оператор (проектант).

Во следните членови 5 и 6 се дефинирани обврските на двете држави, односно Косово има обврска средствата одобрени од Владата на Косово да ги префрли во буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта кои ќе се користат како кофинансирање во реализацијата на проектот.

„Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Република Косово ќе има улога на наблудувач при изборот на операторот за изработка на проектната документација за изградба на тунелот на патот Тетово-Призрен и ќе врши мониторинг на спроведувањето на проектот преку свои овластени претставници“, се наведува во член 5.

Од друга страна, според член 6, Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија врши надзор над спроведувањето на изработката на проектот за изградба на тунелот.

За споровите кои ќе настанат меѓу страните при толкувањето или спроведувањето на овој договор, според член 7, тие ќе се решаваат спогодбено меѓу двете страни преку меѓусебна консултација.

Договорот е потпишан од страна на заменик министерот за транспорт и врски на Република Северна Македонија, Беким Реџепи и министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу.

Целиот договор можете да го прочитате подолу:

Договорот меѓу Република Северна Македонија и Република Косово за изградба на тунелот на патот Тетово – Призрен е потпишан на 12.01.2024 во Скопје.

Патот Тетово-Призрен ДУИ го ветува во 4 изборни процеси

Изградбата на овој пат требаше да започне во 2014 година и да заврши во 2018 година, но владејачката албанска партија ДУИ не успеа да го реализира овој проект кој е од големо значење за Косово и Република Северна Македонија.
Иако оваа партија ги избришала програмите со предизборните ветувања од веб-страните, Порталб.мк направи резиме на нивните ветувања низ годините.

• 2011
Програма “Заедно кон целта”, 2011
„Патот Тетово-Призрен. Физибилити студија за анализа на можноста за нов пат што може да ги поврзе овие две населени места и за економската оправданост“.

• 2014
Изборна програма, 2014
Патот Тетово-Призрен. Завршена е првата физибилити студија за овој пат. Врз основа на резултатите од студијата, ќе се анализираат најисплатливите економски алтернативи, во соработка со Република Косово.

• 2016
Избори 2016 – Во предизборната програма на ДУИ за парламентарните избори во 2016 година, во делот „Tранспорт” (страна 3), е даденото ветување за изградба на патот Тетово-Призрен.

• 2020
Програма на ДУИ на парламентарните избори во 2020 година:
Патот Тетово – Призрен. Овој проект ќе ќе има вредност од 40-60 милиони евра, средства кои ќе бидат обезбедени од државниот буџет и од Светската банка. Реализацијата на овој проект ќе има големо влијание врз економскиот развој на областа, комерцијалната размена меѓу двете земји, побрз пристап до морето (пристаништето во Лежа и Драч), развојот на туризмот во Попова Шапка, итн.

Во моментов патот од Тетово до Призрен е долг 109 километри, но со новиот пат се очекува истиот да биде пократок за 69 километри, односно овој пат да биде долг 40,6 километри.

Министерот за инфраструктура на Република Косово, Либурн Алиу, на 16 август годинава, на барање на премиерот Албин Курти, го посети претседателот на ДУИ, Али Ахмети, со кого, меѓу другото, разговараше и за патот Тетово-Призрен.

Посетата на министерот Алиу следуваше само неколку дена по посетата на премиерот Албин Курти во Скопје и Тетово, каде што тој се сретна само со претставниците на албанската опозиција. За време на посетата во Тетово, Курти го посети селото Вица, каде зборуваше за патот кој треба да води до Призрен, но трасата што ја одбрала Владата нема да поминува низ ова село, бидејќи патот е предвидено да започне од Тетово, преку Попова Шапка, Шипковица и да заврши во Бродец.

Новинар: Суад Бајрами