В среда во Котур: Сајбер шејк дискусија „Дипфејк или реалност“

На настанот се поканети сите млади кои сакаат да научат нешто повеќе за тоа што е дипфејк, како да препознаат лажни видеа, аудија и фотографии кои шират дезинформации на социјалните мрежи, но и кои алатки да ги користат

Утре (среда) во кафе и филм „Котур“ во 18 часот, ќе се одржи „Сајбер шејк“ настан – дискусија за млади, насловена како „Дипфејк или реалност“.

На настанот се поканети сите млади кои сакаат да научат нешто повеќе за тоа што е дипфејк, како да препознаат лажни видеа, аудија и фотографии кои шират дезинформации на социјалните мрежи, кои алатки да ги користат за да утврдат кои видеа, аудио содржини или фотографии се направени со помош на вештачка интелигенција, а кои се автентични.

Заинтересираните своето присуство можат да го потврдат на овој линк.

На настанот учесниците ќе имаат можност и преку квиз да го проверат своето знаење и подготвеност да препознаат лажни видеа, создадени со помош на вештачка интелигенција, кои масовно се шират на социјалните мрежи, па дури и на медиумите, а со цел да шират дезинформации.

Говорници ќе бидат Бојан Стојковски, главен уредник на порталот ИТ.мк, Иван Чорбев, професор од ФИНКИ и Мери Јордановска, заменик-главен уредник во Мета.мк.

На крајот од настанот ќе има и дополнителен квиз со прашања за дипфејк, од она што ќе се зборува на дискусијата, а ИТ.мк ќе доделат три награди:

Прво место: 1.500 денари ваучер за нивниот ИТ маркет + Премиум членство за нивните содржини

Второ место: Премиум членство за нивните содржини

Трето место: Basic членство за нивните содржини

Настанот „ Сајбер шејк“ го организира Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ со поддршка на Активноста на УСАИД за млади луѓе кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата IESC во партнерство со Младинскиот образовен форум и CEED Hub Скопје.