fbpx

Тања Иванова: Родот не е идеологија, туку реалност врз основа на која се врши дискриминација

Правното признавање на родовиот идентитет само по себе подразбира надминување на долгогодишна основна и системска дискриминација на дел од граѓанството и воопшто нема за цел да дискриминира ранливи групи, вели во интервјуто за Мета.мк, Тања Иванова, претседателка на Реактор – истражување во акција

-

Веќе извесен период прашањето за правата на жените, родовиот идентитет и законите кои ги регулираат овие права, а кои светските лидери и организации за човекови права ги договорија со Истанбулската конвенција, предизвикува реакции во јавноста. Меѓу оние кои се категорично против еднаквоста меѓу мажите и жените, најгласни се поглаварите на верските заедници. Некои општини веќе го повлекуваат родовото буџетирање од дневен ред и го отстрануваат терминот „родова еднаквост” од употреба во општинските документи. Истовремено се случуваат и разни активности и хуманитарни акции кои под изговор дека придонесуваат за јакнењето на човековите права всушност наментуваат штетни наративи, странски влијанија и стереотипи поврзани со родовите улоги. На оваа тема Мета.мк разговараше со Тања Иванова, претседателка на Реактор – истражување во акција.

Како гледате на заедничката изјава на поглаварите на верските заедници во која велат дека правното признавање на „родов идентитет“ во предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост е неприфатливо и може да доведе до дискриминација на ранливите групи? Дали постои загриженост дека ваквите изјави може потенцијално да промовираат семејно насилство или да ги овековечат штетните перцепции за жените и нивната општествена улога? 

Иванова: Заедничката изјава на верските лидери сама по себе е крајно дискриминирачка за најранливите групи, но и неоснована и противуставна бидејќи задира во секуларноста на државата што е загарантирана со Уставот, исто како што се загарантирани и основните човекови права на сите граѓани и граѓанки без оглед на нивната различност. Поглаварите на верските заедници немаат експертиза ниту работни или пак лични искуства со кои можат да ги поткрепат овие изјави. За религиозните заедници може да се неприфатливи одредени појави и ставови на други луѓе во општеството, но немаат право да ги осудуваат и негираат.

Притоа, секој поединец има право на истите слободи и пристап до јавни добра и услуги и треба да се почитува како човек.

Правното признавање на родовиот идентитет само по себе подразбира надминување на долгогодишна основна и системска дискриминација на дел од граѓанството и воопшто нема за цел да дискриминира ранливи групи. Напротив, им помага на најранливите да си ги исполнат основните човекови права загарантирани со Уставот пред кој сите сме еднакви. Родот не е идеологија туку реалност и социјална категорија врз основа на која многу често се прави дискриминација и токму затоа е важно да се има правно решение согласно кое ќе може да се заштитат засегнатите лица.

Активниот отпор што го спомнуваат не е производ на „трагични последици“ туку на манипулативни наративи и лажни информации со кои се заплашуваат споменатите категории.

За психолошкото здравје на младите не треба да гледаме закана во родот како категорија (повторувам – не е идеологија), туку повеќеслојното и долго присутно системско насилство што се оправдува од најгласните заговарачи против родовата еднаквост.

Истанбулската конвенција има за цел да ги заштити жените и децата и воопшто не е „фундаментално спротивна на доктрините на сите религиозни заедници“ како што изјавуваат поглаварите. Основната цел на оваа Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, е да им помогне на жените и децата да се изборат за своите права без разлика на нивните различности и убедувања и има за цел да го спречи насилството врз жените и домашното насилство, како што и самиот нејзин наслов укажува.

Структурите кои се обидуваат да ја „извалкаат“ оваа Конвенција со лажни информации и манипулативни текстови се токму оние кои со векови ги држат обесправени токму жените и на секој начин се обидуваат да си ја зачуваат неправедно стекнатата привилегија да бидат „помоќни“ од половина од светската популација, односно да го задржат дисбалансот на моќ во рамки на машката хегемонија, што патријархатот со векови ја одржува, се разбира, со поддршка од религиозните заедници. Сетете се само на мрачниот среден век и палењето на „вештерките“ што се случувало под водство на црковни лица во спрега со тогашните системи на власт и моќ.

Името на Конвенцијата потекнува од фактот дека истата била усвоена токму во Истанбул, во мај 2011 година, а се заснова на повеќе меѓународни повелби и документи што ги регулираат основните човекови права. Сите овие документи на кои се заснова Конвенцијата укажуваат сами по себе дека не зборуваме за „нов документ“ со „умислени намери“, туку, напротив, правно надополнување на претходни меѓународни протоколи и конвенции кои се надградуваат согласно состојбите на кои сакаат да укажат или против кои сакаат да се изборат, доколку се утврди дека истите не биле надминати со постоечките правни инструменти и дека е потребно дополнително да се зајакне борбата против каков било тип на насилство за да може да се надмине истото на долг рок.

Токму затоа, со секое погрешно толкување или намерно искривување на сликата за Истанбулската конвенција, сите ние дополнително придонесуваме да опстои насилството и да живееме во свет во кој не сме еднакви, а плаќаме исти даноци и придонесуваме можеби и повеќе кога се во прашање токму оние вредности зад кои пробуваат да се сокријат овие недемократски и анти-човекови влијанија што делуваат ретроградно.

Посочувам дека ратификацијата на конвенцијата е општо добро и огромен чекор напред во борбата против родово-базираното насилство и сите форми на родово-базирано вознемирување, од кои несразмерно повеќе се погодени жените и токму затоа кога велиме родово-базирано насилство, пред сѐ мислиме на насилство врз жени. Но, го користиме терминот родово-засновано бидејќи ги вклучува сите лица без разлика на пол, род или било каква определба, затоа што и покрај фактот дека жените се најмногу погодени од овие форми на насилство, сепак истите можат да вклучуваат и мажи и момчиња. Притоа, при справување со какво било насилство или вознемирувачки однесувања не треба да нѐ интересира ниту половата определба на лицето ниту неговиот родов идентитет.

Ако сме луѓе во вистинска смисла на зборот и се грижиме за својот народ, не смееме да дискриминираме по ниту една основа ниту пак да бараме да им се ограничат правата на различните од нас. И религијата, без разлика за која религија станува збор, сама по себе во основата нѐ учи дека треба да ги сакаме и да ги почитуваме сите луѓе без разлика како одбрале да се изразат во нивниот социјален свет.

Неодамна беа организирани два настани во Оштина Аеродом посветени на кризата во бракот и семејството, христијанските вредности, традиција и патриотизмот. Во Струмица, исто така често се организираат хуманитарни настани во кои учествуваат свештени лица, а и се организираат дебати и филмски проекции на тема „Што е жената“. Што всушност се промовира на ваквите настани под изговор дека вистински ги промовираат правата на жените или ги зајакнуваат родовите улоги? Дали воопшто придонесуваат за заштита и унапредување на правата на жените или се случува токму спротивното?

Иванова: Овие настани дефинитивно не ги промовираат ниту пак придонесуваат за заштита и унапредување на правата на жените и во своето незнаење или страв од различностите манипулираат со бракот и семејството, христијанските вредности, традицијата и патриотизмот за да добијат поени кај мноштвото. Ваквиот тип на настани и дискурс потенцијално промовираат родово-базирано и семејно насилство и дополнително ја отежнуваат и онака тешката борба против насилството бидејќи само ги зацврстуваат неправедните поделби што се длабоко втемелени во патријархатот кој нѐ довел до овие состојби низ вековите. Загрижувачки се изјавите на верските водачи и другите личности од јавната или политичката сфера кои ги зајакнуваат штетните перцепции за жените и нивната „подредена“ општествена улога и стереотипите кои се во основа на сите неправди и нееднаквости и се главна причина за родово-базираното насилство.

Кој е вашиот став, чии интереси се промовираат на ваквите настани и како жените може да се изборат овие влијанија да не го поткопаат напредокот на правата на жените во земјава?

Иванова: Анти-родовите организации и активисти се присутни кај нас и од порано. Беа мошне активни, заедно со владиката Петар и кога имаше обид за носење на ограничувачкиот закон за абортус, за законот за недискриминација, кога се воведуваше веронауката, а станаа особено гласни и организирани по ратификувањето на Истанбулската конвенција и по најавата за сеопфатни реформи на образовниот систем. Истите се често поврзани со силен говор на омраза и напади кон поборниците за човекови права, што се добро организирани и финансирани од моќни индивидуи или организации, не само на национално туку и на транснационално ниво. Притоа, овие организации и активисти не се мобилизираат против родот или правата на жените и ЛГБТИ+ лицата, туку едноставно ги користат овие групи за зајакнување или зголемување на нивната моќ (финансиска или/и политичка) и за одржување или унапредување на социјалните и политичките хиерархии кои поддржуваат свет во кој правата на одредени групи имаат предност пред другите права, што само по себе е кршење на човековите права.

Феноменот на основање хуманитарни фондации што наводно имаат за цел да им помагаат на луѓето, а во позадина, преку злоупотреба на теми што нѐ допираат сите нас пробуваат да протнат други заткулисни политичко-финансиски сценарија не е воопшто нов. Проблемот е што штетните влијанија што би можеле да резултираат од ваквите пропаганди се погубни за општеството и оневозможуваат каков било прогрес и еволутивно придвижување, а со тоа влијаат негативно и на развојот на децата и младите и нивната иднина. Во време на висок технолошки развој, ваквите манипулации можат да бидат уште попогубни и поразителни за сѐ што значи прогресивна мисла и развој, но и за менталното здравје на момчињата и девојчињата. Родовите улоги во општеството се реалност и не треба да се обидуваме да ги извитопериме ниту пак да се плашиме од измислени непријатели, туку треба да работиме на унапредување на нашето разбирање за нив, на развој на сочувство и емпатија и да подадеме рака на секој поединец што се бори со неправда и дискриминација или насилство.

Како можат поединците и заедниците, без разлика на верската припадност, вистински да придонесат за унапредување на правата на жените во Македонија и да ги оспорат штетните наративи и стереотипи пропагирани од верските водачи и другите во општеството околу женските улоги и одговорности?

Иванова: Тешка е борбата за унапредување на правата на жените во Македонија и за оспорување на штетните наративи и стереотипи поврзани со родовите улоги и одговорности во општеството токму заради овие заднински влијанија од различни центри на моќ (бидејќи не е само Русија, тука се вбројува и алт-десницата во САД која има сериозно разработени канали на влијанија, но и некои држави членки на ЕУ на кои им одговара да се поткопа секаков тип на напредок на ова поле за да се задржи дисбалансот на моќ). Фактот дека некои религии ја ставаат жената во подредена улога, доволно зборува за тоа зошто се здружуваат овие сили во анти-демократската битка против основните човекови права, што во основа им носи повеќе политичка и финансиска моќ на привилегираните. Притоа, морам да посочам еден податок дека според Пописот од 2021 година, кај православните верници мнозинството се жени – 430.558 православни жени наспроти 416.832 православни мажи.

Останува да се бориме против овие појави со здружени сили и трпеливост и систематизирање на зајакнато и соодветно информирање на јавноста за надминување на шпекулациите и штетната пропаганда. За жал, немаме доволно темелни и долгорочни кампањи што можат да направат разлика, ниту пак имплементација на неопходните реформи во образованието, па токму затоа сметам дека ова треба да ни е приоритет. Се разбира, неопходно е и должно внимание од страна на државните институции кога станува збор за креирање на политиките и процесот на консултации во врска со родовата еднаквост и соодветно критичко третирање на придонесот на различните чинители вклучени во процесот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...