Светската здравствена организација не убива деца во Газа

СЗО има помогнато со медицинска помош, гориво, испраќање на персонал и со испраќање на пораки за прекин на огнот. СЗО, исто така, го информира светот за големите девастирачки последици на конфликтот врз цивилите во Газа

Фото: Светска здравствена организација - who.int

Не е вистина дека Светската здравствена организација убива деца во Газа, туку претставници на СЗО постојано носат медицинска и немедицинска помош во Газа поради очајните услови за лекување и разрушените болници од бомбардирањата. СЗО собира донации за Газа и постојано повикува за прекин на огнот. СЗО има свои луѓе на терен кои го информираат светот за ужасите на војната и состојбата на здравството во Газа. Не е вистина ниту СЗО сега се сетиле да ги спасуваат децата со вакцина против голема кашлица, од едноставна причина што СЗО секогаш инсистира на вакцинација, а ДиТеПер вакцината која штити против оваа болест е дел од националниот календар за имунизација во С. Македонија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

На сатанистите од СЗО им текна да ги спасуваат децата со боцки од кашлица а во Газа истите ги убиваат. Чукнете тоа тиквите.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, Светската здравствена организација не убива деца во Газа. Од 7 октомври 2023 година ескалирачката криза во Газа предизвика огромен број на цивилни смртни случаи и повредени лица. Во појасот Газа, воздушните напади и недостигот на медицински материјали, храна, вода и гориво предизвикаа здравствениот систем на Газа кој и претходно не беше сјаен, односно беше со малку ресурси – да се распадне. Болниците во Газа работеа над капацитетите поради растечкиот број на пациенти, како и цивили кои бараа засолниште. Обезбедувањето на основни здравствени услуги, вклучувајќи гинеколошко акушерски и нега за бебиња, како и третманот за хронични болести во Газа, е сериозно компромитирано.

Светската здравствена организација работи со партнери за да ги адресира најклучните здравствени потреби, вклучително и преку достава на животоспасувачки медицински материјали. СЗО ги повикува сите страни да го заштитат здравјето и да овозможат сигурен пристап до здравствена грижа за нивното население, пишува на сајтот на СЗО.

Тимовите на СЗО доставуваа потрошни медицински материjали и лекови во болниците во јужна и северна Газа во високоризични мисии, заедно со нивните партнери. Овие материјали и лекови беа доставувани во болниците во северна и јужна Газа поради нивната пренатрупаност, тешка состојба и огромен наплив на пациенти.

Денеска го повторувам мојот повик кон интернационалната заедница да преземе итни чекори да го олесни очајот и траорот со кој се соочува населението на Газа и тоа што се загрозува можноста на хуманитарните работници да им помогнат на луѓето со ужасни повреди, акутен глад и кои се во сериозен ризик од болести, изјави на 27 декември 2023 доктор Тедрос Адханом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.

Во тогашната високоризична мисија на СЗО која беше спроведена на 26 декември 2023 година, во две болници, Ал Шифа и Ал Амал беа доставени материјали. Двете болници беа засолништа за раселените лица кои бараа релативна безбедност. Во Ал Шифа болницата се засолнија 50 илјади луѓе, а во Ал Амал 14 илјади.

Во Ал Шифа, СЗО достави гориво за да продолжат да функционираат основните услуги. Со УНИЦЕФ, СЗО исто така доставија медицински материјали за болницата. Исто така, беше доставена и храна за кујната во Ал Шифа. Медицинските материјали беа доставени и до централната аптека во Газа, која ќе служи како база за медицински материјали кои ќе се доставуваат во другите болници и ќе биде поддржана од СЗО и партнерите.

Во Ал Амал болницата после воздушните напади била онеспособена радио кулата на болницата, што влијаело врз службата за итна медицинска помош која опслужува 1.5 милиони луѓе. Од 9 амбулантни возила што ги имала болницата, само 5 останале функционални.

Персоналот на СЗО пријави дека е невозможно да се работи внатре во болницата без да се стапне врз оние кои се лекуваат и бараат засолниште. Има само неколку функционални тоалети достапни во болницата, информираше СЗО.

Оттаму додадоа дека нивните претставници виделе десетици илјади луѓе како бегаат од тешки напади пешки, качени на магариња или во автомобили.

СЗО е исклучително загрижена дека ова раселување на луѓето уште повеќе ќе ги отежни здравствените потенцијали во југот, каде веќе има проблеми да се опслужат пациентите. Ова присилно масовно преселување на луѓето, исто така, ќе придонесе за пренатрупаност во болниците, ќе го згоелми ризикот од инфективни болести и ќе направи да биде тешко да се достави хуманитарна помош, изјави доктор Рик Пиперкорн, претставник на канцеларијата на СЗО за Газа.

СЗО, исто така, информираше дека проблемот со глад во Газа е огромен.

Безбедноста на нашиот персонал и продолжувањето на нашите операции зависи од тоа дали ќе пристигнува уште храна во цела Газа, веднаш. Моите колеги се директно и лично погодени од конфликтот, исто како и сите во Газа. Продолжувам да добивам тажни вести дека нашите вработени губат членови од семејствата, изјави доктор Тедрос.

Тој повика прекин на огнот за да се поштедат цивилите од уште насилство на долгиот пат кон реконструкција и мир.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, СЗО нема никаква улога на почнување или, пак, негативно влијаење на конфликтот во Газа. СЗО има помогнато со медицинска помош, гориво, испраќање на персонал и со испраќање на пораки за прекин на огнот. СЗО, исто така, го информира светот за големите девастирачки последици на конфликтот врз цивилите во Газа.

На следниот линк може да се пронајде и Оперативниот план за одговор на окупираната палестинска територија на СЗО. Тука може да се погледне и повикот кој СЗО го има поставено за донации за Газа.

СЗО отсекогаш поттикнува редовна вакцинација на децата, бидејќи вакцината претставува највисока цивилизациска придобивка на медицината. Вакцината ДиТеПер е дел од редовниот календар за имунизација на С. Македонија. Поради тоа што овие повици не наидоа на целосен одзив и постојат дози од ДиТеПер вакцината во С. Македонија чиј вакцинален опфат е низок, тоа создава ризик од епидемии.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека СЗО ги убива децата во Газа. Дополнително, не е вистина ниту дека СЕГА се сетила СЗО дека децата треба да се вакцинираат против голема кашлица. СЗО вакцинацијата ја поттикнува и на неа апелира постојано и не е дека тоа го направиле сега.

hubmk