МОН: Исплатени новите корисници на ученички и студентски стипендии

Електронската испорака на решенијата се врши преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk и документот се доставува директно на профилот на ученикот, односно студентот. Ова е новина која за прв пат се воведува годинава, наведуваат од МОН

Фото: Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека се исплатени ученичките и студентските стипендии на сите нови корисници кои доставиле договор за стипендија во предвидениот рок во јануари. Станува збор за 3.300 ученици и 3.000 студенти – нови корисници на кои им се исплатени пари заклучно со февруари.

„Одбиените кандидати за стипендија ќе имаат можност за жалба, откако електронски ќе го добијат решението во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена. Електронската испорака на решенијата се врши преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk и документот се доставува директно на профилот на ученикот, односно студентот. Ова е новина која за прв пат се воведува годинава“, наведуваат од МОН.

Роковите за жалба, додаваат оттаму, ќе течат од моментот кога ученикот/студентот ќе го прими решението. Изработката и испраќањето на решенијата се одвива етапно, по групи на стипендии и сите апликанти за стипендија ќе добијат решение.