Пендаровски, Силјановска-Давкова и Османи влегуваат во претседателската трка

Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Стевчо Јакимовски се потврдените кандидати кои ќе бидат дел од претседателската трка

Најголемите политички партии ги обзнанија кандидатите за претседателските избори на ден пред почетокот на рокот за собирање потписи.

Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски ќе биде претседателски кандидат на СДСМ и на овие избори, јавија неколку медиуми повикувајќи се на извори од партијата.

Ова е трет настап на Пендаровски на изборите за претседател на државата, а неговата кандидатура се очекува да биде потврдена на 3 март од страна на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, на претседателските избори ќе ја кандидира професорката Гордана Силјановска-Давкова, изјави во вчерашното гостување во дневникот на Телевизија Алсат пратеникот и член на Извршниот комитет на партијата, Антонијо Милошоски. Таа денеска ја потврди кандидатурата, која би требало да биде потврдена на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател што ќе се одржи на 2 март.

Силјановска-Давкова ја одеше претседателската трка и на изборите во 2019 година, кога загуби од нејзиниот тогашен противкандидат од СДСМ и актуелен претседател на државата Пендаровски.

Запрашан дали е ризично тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со истиот кандидат од пред пет години, Милошоски истакна дека тогаш професорката Силјановска-Давкова остварила „одличен резултат“ и дека досега во Македонија се нема случено кандидат од опозиција да победи во претседателска трка, имајќи го предвид и демократскиот капацитет на владејачките СДСМ-ДУИ.

Кандидатот кој Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе го номинира на претстојните претседателски избори е актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Ова во денешното видеообраќање до граѓаните го соопшти првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, со порака дека со Османи како претседателски кандидат започнува најважниот референдум кога сите едногласно треба да ѝ кажат „не“ на Русија и „да“ на Европа.

Покрај Пендаровски, Силјановска-Давкова и Османи, веќе е познато во јавноста дека во претседателската трка влегуваат и универзитетската професорка Билјана Ванковска како кандидат на Левица и Арбен Таравари кандидиран од албанскиот опозициски блок Европски сојуз за промени.

Централниот одбор на партијата ГРОМ синоќа поддршка му даде на претседателот на партијата Стевчо Јакимовски.

Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува утре, петок, 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК).

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март на полноќ.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот е на 8 мај, заедно со парламентарните избори.