Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.
Црногорскиот сајт за борба против дезинформациите и лажните вести raskrinkavanje.me се зафати со раскринкување на една стара теорија на заговор, која неодамна била „подгреана“ во Хрватска – дека НАТО во Јадранското Море фрла воен отпад, старо оружје и опасни материи.
Новата низа ширење теории на заговор ја почнал „Дубровачки дневник“ во средината на минатиот месец, со тврдења дека авионите на НАТО исфрлаат бомби и ракети во Јадранско Море и тоа не само во посебни зони, туку и во близина на брегот, а написот бил бргу пренесен од неколку регионални портали.
Идентична вест првпат се појавила пред 10 години, односно во ноември 2010 година на порталот „Глас Истре“ а оттогаш повремено се објавува во регионални медиуми, потсетува raskrinkavanje.me Текстот се базира на тврдењата и теориите на италијанскиот новинар Џани Ланес, кои, накратко, гласат вака: „На дното пред брегот на Песаро, на педесетина милји од брегот на Истра, се наоѓа огромен арсенал бомби од Втората светска војна и од мисијата на НАТО во 1999 година, при бомбардирањата на Србија. Концентрацијата на иперит, фосфор и останатите отровни хемикалии е застрашувачка, а бомбите се подложни на морските струења, станува збор за подвижен арсенал на смртта“, пишува сервисот за борба против дезинформациите.
Raskrinkavanje.me посочува дека италијанскиот новинар и фотограф Џани Ланес е познат по теориите на заговор што ги објавува во својата земја и во странство, а се поврзани со трговија со оружје, токсичен и радиоактивен отпад, еко-мафија, кемтрејлси и слично.
„При објавување на вака чувствителни информации, медиумите би требало да обрнат внимание на кредибилноста на изворот. Вакви текстови стигнуваат до милионски број читатели, се повторуваат со години, имаат звучни и скандалозни наслови, а не се базирани на докази“, пишува сервисот.