Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Српскиот сервис за борба против дезинформациите fakenews.rs анализира написи во неколку српски онлајн-медиуми, кои ја претставуваат како „рај“ Белорусија, во која речиси две недели се протестира поради резултатите од претседателските избори, на кои повторно победи актуелниот претседател Александар Лукашенко, а околу 7.000 демонстранти и активисти беа приведени, најмалку тројца беа убиени, а десетици повредени.

Обидот на медиумите да создадат слика за Белорусија под власта на Лукашенко, кој е цврсто на врвот на државата уште од 1994 година, како земја на ред, мир и просперитет, fakenews.rs го спротивставува на лесно утврдливите факти за Белорусија. Дополнително, пишува српскиот сервис за борба против дезинформациите, тврдењата изнесени во некои медиуми не се поткрепени со лоцирање извор или линк, а некои се и метафорички, како „низ Минск може да се оди во бели чорапи, совршено чисти“.

Првото од спорните тврдења е дека бензинот е поевтин од водата, односно дека литар бензин чини само 0,14 американски долари. Но fakenews.rs утврдил дека во Белорусија еден литар бензин чини 1,78 белоруски рубљи (понатаму: б.р.), односно околу 0,72 американски долари, што е поскапо од еден литар флаширана вода набавена од поголемиот дел дистрибутери (просечната цена е 1 б.р.).

Понатаму во спорните текстови се тврди дека на младенците им се даваат 64.000 долари за купување стан, а дека стан во просек чинел во просек 5.000 белоруски рубљи. Но, како што укажува српскиот сервис за борба против дезинформациите, просечната цена на стан е многу поголема од 5.000 б.р. (што изнесува околу 2.000 долари). Во Минск, надвор од центарот, за наведената сума, може да се купат помалку од два квадратни метри стан, во Гомељ, надвор од центарот, нешто повеќе од три кв.м, а вон центарот на помалиот град Пинск, околу 4 кв.мк. Исто така, не постојат докази дека на младенците им се даваат 64.000 долари за стан. Да се тврдењата на српските медиуми точни, младенците би можеле за таа сума да купат триесетина просечни станови.

Уште едно неточно тврдење е дека „најуспешниот новинар на планетата ја посетил Белорусија“, оти ниту постои некоја титула „најуспешен новинар“, ниту пак, ако било така, таквата посета не би можела да се смета за доказ за просперитет на земјата.

Српските медиуми тврдат и дека за секој член на семејството, државата плаќа годишно околу 1.000 американски долари субвенција. Но за тоа нема никакви докази, пишува fakenews.rs.

Изнесено е и тврдење дека БДП по жител изнесува 14.192 долари, но според извештајот на Светска банка за 2019 година, БДП на Белорусија по жител изнесува 6.173 долари.

Во низата „пофалбени“ тврдења за Белорусија е и тоа дека плата на медицинска сестра изнесува 1.000 долари, а плата на наставник 4.000 евра. Но според сајтот Salaryexpert, медицинска сестра има плата од околу 390 долари, додека, повторно според наведениот сајт, универзитетски професор има месечни примања од 460 долари.

Во спорните текстови во српски медиуми се тврдело и дека ако почнувате сопствен бизнис во Белорусија, ќе добиете бесповратни 20.000 долари како помош. Но, на сајтот на Министерството за труд и социјална политика на Белорусија пишува дека височината на субвенцијата зависи од неколку фактори, како што се висината на трошоците на живот и видот на бизнисот. Инаку, таквата субвенција сега изнесува околу 2.800 долари, а во подрачја со поголема невработеност може да биде до 1.000 долари повисока. Како еден интересен податок за оваа субенција, е и тоа дека во првата половина на 2018 година ваква субвенција добиле 923 невработени лица.

Потоа се тврди и дека образованието и доусовршувањето во странство е целосно на товар на државата. Но fakenews.rs контактирал со Ирина Јевсејенко, која студира во рускиот град Нижни Новгород, која рекла дека нејзиното образование не е на товар на државата. „Има меѓународни проекти и стипендии, но далеку од тоа дека секое образование во странство го плаќа државата“, рекла Јевсејенко.

Српските медиуми тврдат и дека дел од аптеките во Белорусија бесплатно издаваат лекови, но тоа не е точно, оти се однесува на дел од лековите, а на на дел од аптеките. Впрочем, и во Србија дел од лековите може да се добијат бесплатно со лекарски рецепт, пишува сервисот за борба против дезинформациите.

Едно од поинтересните спорни тврдења е и тоа дека во Белорусија струјата е бесплатна за сите жители. Но, иако има одредени олеснувања за некои категории население, поголемиот дел од граѓаните на Белорусија ја плаќаат струјата, по тарифи што може да се видат тука.

Се тврди и дека во текот на 26 години владеење на Александар Лукашенко, населението трикратно се зголемило. Но, како што утврдил fakenews.rs Националниот статистички комитет на Белорусија наведува дека во 1994 година, кога Лукашенко дојде на власт, Белорусија имала околу 10,25 милиони жители, а според прелиминарните податоци на истиот комитет, во 2020 година, земјата има околу 9,4 милиони жители.

Исто така, српски медиуми тврдат дека просечниот животен век во земјата е зголемен од 51,5 на 104,5 години. Но според Националниот статистички комитет на Белорусија, животниот век во земјата во 1994 година изнесувал 68,9 години, а за 2018 година овој параметар е 74,5 години.