Во периодот од јануари до јули годинава, значително е намален бројот на интервенции на лица во алкохолизирана состојба и лица повредени во сообраќајни несреќи во споредба со истиот период минатата година, што се должи на намалената фреквенција на движење и воведените мерките за спречување на ширење на коронавирусот. Ова го покажуваат статистичките податоци на Службата за итна медицинска помош.

„Од 1 јануари до 31 јули оваа година се регистрирани интервенции кај 5 деца до 18 години во алкохолизирана состојба, додека во 2019 година биле регистрирани интервенции кај 20 деца. Намален е и бројот на интервенции кај лицата на возраст од 20 до 40 години од 84 на 58 и кај лицата од 40 до 60 години, од 159 на 133“ велат од Министерството за здравство.

Оттаму посочуваат дека само во март, регистрирани се вкупно 43 интервенции кај лица во алкохолизирана состојба или 32 помалку од овој месец, минатата година кога имало 75 интервенции.

Статистиката покажува и намален број на лица повредени во сообраќајни несреќи. Во март годинава, имало вкупно 87 лица повредени во сообраќајни незгоди, што е за 23 лица помалку споредено со истиот месец лани додека во април, во сообраќајни незгоди биле повредени 60 лица, или за 45 помалку во споредба месец април минатата година.