ЦУК: Во последното деноноќие пријавени десет пожари на вегетација на отворено

Пожарот меѓу селата Морани и Вражеле е на непристапен терен и има само чад и најверојатно е предизвикан од запалено ѓубре, информираат во ЦУК

Фото: Архива, Центар за управување со кризи

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека од регионалните центри за управување со кризи во државата, има „зимски“ пожари на вегетација на отворено, а за тоа стасале десетина пријави во последното деноноќие.

„По добиена пријава на бројот 112 за шумски пожар помеѓу селата Морани и Вражеле рид во општина Студеничани, веднаш е известена јавното претпријатие „Национални шуми – подружница Караџица“ од Скопје, за нивна понатамошна постапка. Пожарот е на непристапен терен и има само чад и најверојатно е предизвикан од запалено ѓубре“, информираат оттаму.

Освен тоа, пожарникарите на бригадата за противпожарна заштита на град Скопје, со едно возило и двајца пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација со површина од 5.000 квадратни метри во Зелениково.

„Интервенирано е и на запалено стрниште на автопатот Скопје-Велес, општина Петровец. Регионалниот ЦУК Битола, информира дека пожарникарите од ТППЕ Прилеп со едно возило и двајца пожарникари, интервенирале на запалена ниска вегетација кај „Дета Центар“ (Општина Прилеп)“, додаваат во ЦУК.

Пожар имало и во Струмица, кај село Просениково, на површина од околу 1 хектар. Интервенции имало и во селото Баница, каде што гореле огревни дрва, близу Домот за зависници (општина Струмица). Радовишките пожарникари пожар гаселе на запалена ниска вегетација во село Оравица, на зафатена повершина од еден хектар. Нискостеблеста шума горела и близу Дојран.

„Регионалниот ЦУК Штип информира дека пожарникрите од Кочани, интервенирале на запалена дива депонија и ниска вегетација во близина на Фабриката за вода во месноста „Полатски пат“. Регионалниот ЦУК Куманово, ја пренесува информацијата од ТППЕ Ранковце дека имала една помала интервенција“, се додава во соопштението на ЦУК.

Центарот за управување со кризи информира и дека во последното деноноќие имало вкупно 1.747 повици на бројот за итни случаи 112, од кои „реални“ повици биле 41,5 отсто, а 58,5 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.