fbpx

Хаос со паркирањето во скопскиот Клинички центар, молк од надлежните власти

-

Сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје станува секојдневие за граѓаните кои се обидуваат да пронајдат паркинг место, а гужвите се и многу опасна ситуација за пациентите кои се доведуваат со брза помош и на кои им е итно потребна лекарска помош. Мета.мк веќе две недели се обидува да добие одговори за проблемот со паркирањето од ЈП „Градски паркинг“-Скопје и од Министерството за здравство, но засега постои молк од институциите на поставените прашања.

Секојдневната негативна слика во Клиничкиот центар започнува уште на самиот влез, каде што постои метеж од возила кои чекаат на ред за да влезат во здравствениот комплекс. Откако ќе си земат паркинг билет, возачите се принудени да се снаоѓаат сами во хаотичната ситуација. Несовесни возачи паркираат возила во лентата за движење, а поради застојот некои автомобили влегуваат во втората лента наменета единствено за брза помош и ја блокираат и таа лента. Со ова, се спречува и протокот на возилата на итната медицинска помош.

Најголемиот застој е веднаш по влезот во Клиничкиот центар кај хируршките клиники, бидејќи и притисокот за паркирање во овој дел од здравствениот комплекс е сконцентриран овде. Закрчување на сообраќајот има и со возилата паркирани меѓу хируршките клиники и Клиниката за гинекологија. Посебен проблем се несовесните возачи кои си го земаат автомобилот откога ќе завршат работа во некоја од клиниките и паркираат на улицата пред куќичката за наплата на ЈП „Градски паркинг“, со што се создава блокада и дополнителна гужва во сообраќајот. Има случаи и на несовесни возачи кои управуваат со автомобилите во спротивен правец од поставената сигнализација, кои исто така го влошуваат сообраќајниот хаос.

Со ваквата опасна ситуација со закрчување на сообраќајот очигледно е дека не можат да се справат вработените од ЈП „Градски паркинг“, коишто управуваат и наплаќаат за услугата паркирање во скопскиот Клинички центар. Нема кој да ги предупреди возачите коишто непрописно ги оставаат автомобилите на несоодветно место или, пак, плаќаат за паркирање сосе автомобил пред пунктот за наплата.

Мета.мк за сообраќајниот хаос што владее во Клиничкиот центар им пиша на ЈП „Градски паркинг“-Скопје, кое управува со паркинзите во здравствениот комплекс и на Министерството за здравство кое е задолжено за нормално функционирање на здравствените установи, но и е самото лоцирано во комплексот клиники „Мајка Тереза“. Писмено беа исконтактирани двете институции на 28 ноември и на 2 декември, но до денешен ден не добивме одговори на поставените прашања.

Меѓу прашањата за кои ЈП „Градски паркинг“ не смета дека треба да одговори се и дали софтверот што го користат има ограничување за бројот на возила што може да влезат во кругот на Клиничкиот центар, дали и колку казни дневно пишуваат нивните вработени за непрописно паркирани возила во комплексот, но и прашавме колку често пајак службата на „Градски паркинг“ го посетува најзначајниот здравствен комплекс за да подига возила. Прашавме и за тоа дали е возможно да се изведе монтажна катна гаража или друга инвестиција во Клиничкиот центар, со што ќе се зголеми бројот на паркинг места достапни на располагање.

И од Министерството за здравство не добивме одговор на прашањето дали и колку често досега реагирале до ЈП „Градски паркинг“ за да си го решат проблемот со сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар. Од министерството не одговорија и на прашањето кои мерки ќе ги преземат за да се надмине проблемот со недостигот на паркинг места и сообраќајниот хаос што владее во кругот на комплексот „Мајка Тереза“.

Според податоците што се јавно достапни од ЈП „Градски паркинг“, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ има вкупно 533 паркинг места што им стојат на располагање на граѓаните. Цената за паркирање е 25 денари од час, а последен пат беше извршена обнова на целокупната сообраќајна инфраструктура во 2020 година, кога беше пуштен и дополнителен паркинг за 150 возила на местото на некогашниот објект на Клиниката за гинекологија. Тогаш беше реконструиран и паркингот кај Клиниката за хирургија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...