fbpx

Пораст на платите иако е криза

-

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јуни 2020 година, изнесува 26.867 денари, што е зголемување за 6,6 отсто во однос на истиот месец од минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика(ДЗС). Просечна плата е зголемена и во однос на мај, годинава кога изнесувала 26.390 денари иако македонската економија е на удар од кризата предизвикана од корона вирусот.

Според ДЗС, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (18,7 отсто), рударство и вадење на камен (15,2 отсто) и образование (12,6 отсто).

И податоците на Народната банка укажуваат на пораст на платите за време на првите три месеци од годинава.

„Просечните исплатени нето и бруто-плати во првиот квартал забележаа годишен раст од 10,7 отсто и 11,4 отсто, соодветно, во еден дел одразувајќи го растот на законски утврдената минимална плата и зголемувањето на платите во јавниот сектор“, се вели во новиот квартален извештај на Народната банка.

Во него, се објаснува дека во текот на 2019 година двапати е извршено зголемување на минималната плата, и тоа во април и декември. Во април минималната плата е зголеменa од 12.165 денари на 12.507 денари нето-плата, согласно со редовното усогласувањето со порастот за претходната година на просечно исплатената плата во РСМ, индексот на трошоци на живот и реалниот пораст на БДП.

„Со дополнителното покачување во декември (за околу 2000 денари нето) износот на минимална плата којшто се исплаќа за периодот декември 2019 до март 2020 година изнесува 14.500 денари во нето-износ. Извршено е зголемување на платите на здравствените работници за 5 отсто почнувајќи со исплатата на септемвриската плата во 2019 година. Исто така, согласно со одлуката на Владата на РСМ донесена во мај 2019 година, извршена е нивелација на платите на околу 2.900 вработени од областа на културата, од националните и од локалните установи, почнувајќи од априлската плата за 2019 година. Покрај тоа, со измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, се зголемуваа за 16 отсто платите на воспитувачите/ките, негувателите/ките, стручните работници“, се вели во извештајот.

Од Народната банка укажуваат дека пораст на платите е забележан кај сите економски дејности, а највисок годишен пораст на нето-платата е забележан кај преработувачката индустрија, „стручни, научни и технички дејности“, потоа кај дејностите „уметност, забава и рекреација“, трговијата, образованието, информации и комуникации, како и кај градежништвото.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Лицето кое ја уби 46-годишната Танкица Маладеновска во Кочани на 25 септември доби доживотна затворска казна, соопшти Јавното обвинителство. Основниот суд во Кочани донесе пресуда за злосторникот за кривичното дело...