Поранешниот шеф на бугарската дипломатија, Соломон Паси, за националната телевизија БНТ, потврди дека за минимална сума бил советник на актуелниот премиер на Македонија, Никола Груевски, во периодот од 2007 до 2008 година.
– Договорот беше за едно евро. Си ја завршив својата работа за околу 10 месеци и беше донесена одлука дека Македонија ќе стане членка на НАТО – рече Паси.
Според Паси, Истокот и Западот во моментов водат битка за Македонија.
– Западот не прави доволно за присоединувањето на Македонија и кон НАТО и кон ЕУ. Бугарија нема клучна улога во овој процес. Можеме координирано да направиме нешто, но ништо не може да се случи без добрата волја на Македонија – изјави тој.
Паси, коментирајќи ја изјавата на шефот на руската дипломатија, рече дека Бугарија нема територијални претензии кон Македонија.
– Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, е сериозен и голем дипломат и изјавата не му е случајна. Таквите искази се дел од информативната војна што се води во моментов и тие не треба да се потценат – рече Паси.