fbpx

Снимка од авион што лета над Русија претставена како да е „труење од авиони во С. Македонија”

-

Проверувачи на факти од Франција, уште во 2017 година пишуваат дека на истото видео кое се споделува и во постот што го рецензираме, се наоѓа авион кој зад себе остава импресивна трага, но дека не станува збор за хемиско прскање. Снимката е објавена на Јутјуб канал каде што се вели дека станува збор за вообичаена кондензација од авионите, снимени при определени услови на одредена височина, под специфични атмосферски и временски услови. Тоа го пишуваат и проверувачите на факти на Мит Детектор, кои, исто така, ја демистифицираат оваа теорија на заговор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува видео материјал и се вели:

„Ниту една политичка партија не бекна за шаренилото на небото на територијата на северниот резерват Македонија. За да премолчиш вакво труење, треба да си соучесник во злосторството. За СДСМ, ДПМНЕ, ДУИ како и за институциите јасен е молкот. Левица? Апасиев јуначе?“

Во видеото кое што е споделено под овој опис, се гледа летало кое зад себе остава трага. Според авторот на постот, ова видео потекнува од Северна Македонија и претставува „труење” на населението. Овој наратив веќе подолго време се споделува во различни објави на Фејсбук, во состав на теоријата на заговор за „кемтрејлс“, според која група моќници и влади се здружени за да распрскуваат штетни и отровни материи од авиони врз населени места, со цел да го загрозат животот на населението и да предизвикаат намалување на бројот на жители на планетата, односно депопулација.

Меѓутоа, како што Вистиномер повеќе пати досега пишуваше, не постојат докази за оваа теорија на заговор за „кемтрејлс“. Во екот на пандемијата со ковид-19, во повеќе наврати теоретичарите на заговори невистинито тврдеа дека ковид-19 не е болест предизвикана од коронавирусот, туку дека станува збор за последица од труење од хемикалии кои се распрскуваат од небото. Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират со километри.

Во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, во која 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Оваа теорија на заговор е актуелна од појавата на интернетот. Сè уште може да пронајдете бројни интернет страници, кои го промовираат овој вид псевдонаука. Нашето истражување покажа дека научната заедница не се согласува со тврдењата оти владата, армијата, авиокомпаниите и други субјекти се здружиле во широка мисија да ја отрујат планетата со прскање преку авиони, вели Стивен Дејвис, професор и научник од универзитетот Ирвин во Калифорнија.

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е бидејќи тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

 

На што се однесува конкретното видео во постот кој го рецензираме?

Проверувачи на факти од Франција, уште во 2017 година пишуваат дека на истото видео кое се споделува и во постот што го рецензираме, се наоѓа авион кој зад себе остава импресивна трага, но дека не станува збор за хемиско прскање („кемтрејлс“, термин користен од страна на теоретичарите на заговори кои се убедени дека различни влади се обидуваат негативно да и влијаат на климата или човековото здравје со тоа што прскаат токсични хемикалии).

Според проверувачите на факти на Франс 24, на видеото се наоѓа Боинг 787 кој прелетува над рускиот источен брег на 17 јуни 2017 година. Наспроти тоа, во постот што го рецензираме, невистинито се тврди дека леталото е над територијата на Северна Македонија и се прозиваат политичките партии во земјава зошто не реагирале на таквиот наводен настан.

Франс 24 пишува дека станува збор за Боинг 787 кој бил снимен од руски пилот кој во исто време летал на височина поголема од 10 илјади метри.

Британски Мирор го има објавено истото видео на 29 јуни во 2017 година и во текстот пишува дека станува збор за снимка од Боинг 787, снимена од друг пилот во друг авион. И Мирор тврди дека снимката е источниот брег на Русија и покажува кондензација.

Снимката е објавена на Јутјуб канал каде што се вели дека станува збор за вообичаена кондензација од авионите, снимени при определени услови на одредена височина, под специфични атмосферски и временски услови. Тоа го пишуваат и проверувачите на факти на Мит Детектор кои исто така ја демистифицираат теоријата на заговор за „кемтрејлс“.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека видеото кое е прикажано во постот кој го рецензираме е од Северна Македонија. Видеото е од Русија. Исто така, не е вистина дека на видеото се гледа „труење од авион” како што невистинито се тврди во постот. Напротив, станува збор за вообичаена трага која авион што прелетува над Русија ја остава зад себе, а која изгледа погусто поради поставеноста на авионот во однос на сонцето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...