Случувања кои го одбележаа образованието во 2022 година: Штрајк на наставници, дојави за бомби, многу изгубени часови

Фото: О.У. „Никола Карев“, Пробиштип

Дојави за бомби, продолжен зимски распуст, штрајк на просветните работници, скратен материјал за матурските испити, обуки за наставници да предаваат по „ново“, 1 септември без учебници, губење настава во повеќе наврати… Ова се само дел од нештата кои ја одбележаа изминатава 2022 година кога станува збор за образованието во нашата земја. И додека можеби очекувањата беа дека годинава најважниот ресор, стожерот на државата ќе успее малку барем да закрепне после две години учење во вонредни пандемиски услови, сепак, наставниците, професорите, учениците, па и родителите, и овојпат беа исправени пред низа предизвици.

Основците и средношколците и онака изгубија многу кога училиштата 54 недели беа затворени и не работеа заради пандемијата. Сепак, во јануари годинава, следуваше ново „седење дома“, кога поради високиот број ковид-случаи, наместо вообичаените две недели, зимскиот распуст траеше еден месец. Следствено на тоа, беше скратен и дел од наставната програма за учење. Стравувањата дека случаите може да се зголемат со почетокот на второто полугодие, се покажаа како оправдани. Вирусот почна да се шири меѓу учениците, што беше повод здравствените власти да направат скрининг во училиштата.

И пред ковид-пандемијата, образованието беше во криза. Меѓународните тестирања покажаа дека повеќе од половина од сите ученици на петнаесетгодишна возраст во земјата, не го достигнуваат основното ниво на знаење по читање, математика и природни науки. Долгите отсуства од училиште кои следуваа, само ја пролабочуваа таа криза. Така, во април, се случи уште еден прекин на наставата кој траеше две недели, овојпат заради штрајкот на просветните работници кои бараа повисоки плати. Пропуштената настава не беше одработена. Тоа губење од наставата, беше причина образовните власти да одлучат да го скратат материјалот за учење за матурантите.

Oна што беше новина од оваа година, е што за прв пат документите за упис во средно училиште, прво се доставуваа електронски, па потоа се носеа на увид во училиште. Електронски, за упис во средно се пријавија 14.500 деветтоодделенци.

Кога сме кај новините, годинава, согласно новата концепција сите ученици за прв пат добија додаток на свидетелство. Документот се однесува само за воннаставни активности на учениците, односно ќе содржи опис за постигањата на ученикот за конкретна воннаставна активност. Тој не влијае на успехот. Сепак, оваа учебна година, наместо во јуни, учениците свидетелствата ги добија на 1 септември, бидејќи не беше избрана фирма што ќе ги испечати документите. Свидетелства навреме имаше само за учениците во завршни години, кои мораа да се запишуваат во средно училиште или на факултет.

Две недели пред да започне новата учебна година, образовните власти најавија дека ќе доцнат новите учебници за четири одделенија бидејќи не беше избрана фирма што требаше да ги испечати. Во првото тримесечје, во прво, второ, четврто и петто одделение учеа од прирачници, а од неодамна надлежните почнаа да ги дистрибуираат новите учебници до училиштата низ државата.

Она што повторно предизвика отсуства од училиште, се лажните дојави за бомби, кои почнувајќи од 26 октомври, во повеќе од десет наврати досега, пристигнуваа на електронските адреси на училишта за средно, а подоцна и за основно образование. Учениците беа евакуирани, а тимовите на МВР правеа проверки во објектите. Надлежните во МОН наложија училиштата да го надоместат пропуштеното, па професорите наоѓаа начини пред или после часови, да ги испрашаат учениците за да можат да им формираат оценки.

Сè на сè, се чини дека во повеќето случаи, случувањата во образованието годинава не беа на страната на учениците, поточно на средношколците. За нивните професори веќе е видливо дека тие не умеат доволно да го совладаат материјалот, токму поради честите прекини во наставата. Каква ќе биде состојбата со образовниот систем во новата година, останува да видиме.