Владата го продолжи зимскиот распуст за учениците до 1 февруари

Фото: СУГС „Марија Кири Склодовска“

На вчерашната втора седница на Владата на РСМ е одлучено зимскиот распуст за учениците и средношколците од основното и средното образование да продолжи до крајот на месецов, а второто полугодие да почне на 1 февруари. Инаку, второто полугодие требаше да започне задутре.

Одлуката за продолжување на зимскиот распуст е донесена на препорака на Главниот координативен кризен штаб за справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот, кој вчеравечер ја одржа својата прва седница во овој мандат. Седницата ја водеше премиерот Димитар Ковачевски, а на неа присуствуваа и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски и претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска, која е и првиот човек на Град Скопје.

Според синоќешната владина одлука, наставата со физичко присуство ќе продолжи на 1 февруари, но тоа нема да го продолжи крајот на учебната година, односно таа ќе заврши на 10 јуни, како што е предвидено во календарот за наставната програма за основно и средно образование, со соодветна адаптација на наставните планови.

Покрај одлуката за одложување на стартот на второто полугодие на учебната година, усвоени се и задолженија и укажувања за Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Секторот за односи со јавност во Владата на Република Северна Македонија и Јавното претпријатие МРТ да упатуваат апели до учениците и родителите максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19, во домашни услови и на отворено.