Од февруари се бира фирма што ќе печати свидетелства, учениците ќе ги добијат до август

Фото: Биро за развој на образование

Исто како и минатата година, учениците во основното и во средното образование нема да ги добијат свидетелствата за постигнатиот успех на крајот на јуни. Во тек е тендерска постапка за избор на фирма која ќе ги печати. Зекирија Хасипи, директорот на Бирото за развој на образованието, за Мета оценува дека ова воопшто не претставува проблем и уверува дека учениците ќе ги добијат потребните документи до крајот на учебната година, која законски трае до кајот на август.

„Бирото, согласно сите законски процедури и рокови спроведува транспаретна набавка за печатење на целата педагошка документација, започната уште од месец февруари 2022 година. Ние испративме допис до сите училишта во кој покрај искажаната благодарност до учениците, наставниците и родителите за залагањата, разбирањето и соработката во текот на целата учебна година, информиравме дека доделувањето на свидетелствата на учениците и оваа учебна година, согласно член 50 став 1, член 138 став 5 од Законот за основно образование, како и член 23, став 2 од Законот за средно образование, ќе се одвива до крајот на учебната година, месец август“, вели Хасипи.

Тој потсетува дека свидетелствата за учениците на кои им беа потребни за упис во средно, односно високо образование се веќе доделени, а исто така, тие ќе бидат обезбедени и за учениците кои имаат итна потреба од свидетелство поради преселба или продолжување на школувањето во странство.

„Исто така, потребната педагошка документација поврзана со полагањето и добивањето резултати од државната матура ќе биде навремено доставена до средните училишта. Бирото за развој на образованието дополнително ќе ги контактира училиштата за времето и начинот на дистрибуција на потребните свидетелства до секое училиште“, додава директорот.

Инаку наставниците веќе ги заклучија годишните оценки во електронскиот дневник откако завршија наставничките совети. Наставниците за прв пат годинава пишуваа оценки и водеа друга евиденција само во електронскиот дневник, бидејќи печатениот е исфрлен од употреба.

Надлежните размислуваат за во иднина да овозможат да се издаваат свидетелства во електронска форма, која би била веродостојна електронска верзија на документот, како што е на пример, потврдата за ковид.

 

Пишува: Антонија Поповска