Ковид-19 се шири меѓу учениците, од утре започнува скрининг во училиштата

Фото: Testalize.me on Unsplash

Бидејќи се загрижувачки бројките на заболени ученици од ковид-19 што посетуваат настава во училиштата, од утре започнува скрининг во основните училишта каде што бројките се зголемени, најавија денеска одговорните во Комисијата за заштита од заразни болести (КЗБ).

„Во средните училишта нема таква состојба, таму засега е стабилно. Но, има загрижувачки бројки во основните училишта, а тоа е аларм да иницираме ваков скрининг. Обезбедени се тимови и здравствени работници кои ќе ги соберат податоците, кои потоа ќе се анализираат во Институтот за јавно здравје“, рече на прес-конференција Злате Мехмедовиќ, портпарол во Комисијата.

Скринингот ќе се одвива во училиштата. Родителите кои денеска дале согласност за нивните деца да бидат тестирани, не треба да ги носат децата на тестирање, туку земањето брис ќе се спроведе во училиштата.

Претседателот на КЗБ, Александар Петличковски информираше дека од денеска препораките за лекување на ковид се достапни на сајтот на Министерството за здравство.

„Целта е да овозможиме поусогласен пристап во лекувањето на сите ковид пациенти. Ова се само препораки за лекување, а за да станат протоколи треба да поминат законодавни процедури. Овие препораки се петта верзија на постоечки препораки кои се користеле во минатото и како што ќе се менуваат научните интернационални сознанија, така и оваа верзија ќе претрпува промени“, рече Петличковски.

Препораките треба да бидат водич во лекувањето на ковид-19. Немаат обврзувачки карактер, но целта е од едно место да се црпат релевантни информации. Содржат класифицирање на стадиумот на болеста, а за секоја фаза на болеста има соодветни препораки за лекување, која терапија кога да се употреби, кога е потребна хоспитализација и слично.

Прашан за високата смртност, Петличковски кажа дека не може да тврди дека таа е резултат на непочитување на протоколи.

„Јас сум сигурен дека сите се обидуваат најдобро да се справат со ковид. Во Словенија и во оваа фаза на пандемија има над 20 бројка. Мислам дека смртноста се должи на нашето запоставено здравје“, рече Петличковски.