fbpx

Ќе доцнат новите учебници за четири одделенија, се средуваат ракописите и се бара фирма што ќе ги печати

-

Согласно новата Концепција за основно образование, од септември учениците во прво, второ, четврто и петто одделение треба да учат по нови учебници. Наставните програми се готови, но учебниците ќе доцнат во првите месеци од учебната година. Како што за Мета.мк информираат во Министерството за образование и наука (МОН), сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение во основното образование за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување.

„На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви кои се со забелешки од рецензентските комисии и истите треба да претрпат одредени измени/дополнувања. Откако авторот/авторите ќе ги имплементираат, повторно ракописот со измените се враќа кај рецензентите заради констатирање на измената. Така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници“, информираат оттаму.

Во меѓувреме, додаваат во МОН, во тек е и постапка за избор на економски оператор за печатење и дистрибуција на учебниците, а на 12 август беа отворени пристигнатите понуди.

Обуки за 3.000 наставници од второ и петто одделение 

За да можат да предаваат „по ново“, наставниците во одделенска настава треба да бидат обучени за тоа. Овие обуки за наставниците ги спроведува Бирото за развој на образованието (БРО). За 3.000 наставници кои предаваат во прво и четврто одделение, обуката беше спроведена во јуни, додека за 3.000 наставници од второ и петто одделение ќе се спроведе овој месец и почетокот на септември. Обуките ги одржуваат советници во БРО.

„Овие наставници минатата година следеа три обуки, а годинава ќе следат обука за планирањето и реализирањето на наставата според новите наставни програми (за второ, односно, петто одделение) и за принципите на новата Концепција за основно образование. Ќе бидат обучени околу 3.000 одделенски наставници. Посебен акцент при овогодинешните обуки ќе биде ставен и на медиумската писменост, тема што е застапена во новите наставни програми, за учениците од најмала возраст, па наставниците треба да стекнат компетенции како тоа да го работат преку соодветни активности“, велат во БРО за Мета.мк.

Со 1 милијарда денари ќе се градат нови училишта

Во однос на опремувањето на училиштата, пак, од МОН за Мета.мк информираат дека тие добиваат пари од државата преку блок дотациите, кои им се префрлаат на општините од државниот буџет. Тие се трошат за нормално реализирање на воспитно-образовниот процес и за тековното функционирање на училиштата, а дополнително, општините и училиштата можат да обезбедуваат и средства од други извори.

„Во последните две години во буџетот на МОН се предвидуваат средства во износ од 1 милијарда денари (на годишно ниво) за изградба на училишта, спортски сали, за реконструкција на постојни објекти и слично, што е двојно повеќе од изминатите години и тие средства се реализираат. Голема поддршка за опремување на училиштата добиваме од Светска банка. Тие се финансиери на Проект за унапредување на основното образование во вредност од 21,5 милиони евра, а кој во следните 5 години ќе обезбеди побрза и поголема достапност на средства за училиштата, повеќе инвестиции во училишните услови, полесно справување со предизвиците од пандемијата и генерално подигнување на конкурентноста на образовниот систем“, велат во МОН.

Меѓу другото, проектот предвидува подобрување на учењето во училиштата преку вложување во постојните објекти, опремување на кабинети, набавка на ИТ опрема, нагледни и наставни помагала, набавка на училишна опрема – клупи, столчиња, табли, збогатување на библиотечните ресурси и слично.

„Информираме дека преку овој проект набавена е опрема за кабинетите по природни науки во 265 основни училишта, за да можат учениците да добијат детална претстава, визуелизација на тоа што го учат по предметите од групата на природните науки. Кабинетите ќе бидат во функција со стартот на новата учебна година“, додаваат во МОН.

Инаку Мета.мк објави дека основците и средношколците во земјава, годинава се враќаат на училиште од 1-ви септември, а секоја следна учебна година во план е да започнува на 10 септември. Министерот Јетон Шаќири во изјава за Мета.мк кажа дека оваа нова пракса е предвидено да се воведе од следниот септември, а учебната година во тој случај ќе трае до 20 јуни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...