fbpx

Случајот „Палчо“ не може да е дело на УДБА, бидејќи УДБА не постои

Сосема е нејасно кој е тој што треба да биде наводно плашен пред изборите? Врз кого треба да се сее страв? Случајот толку многу ја вознемири македонската јавност што во тие неколку денови додека се открија сторителите несигурност чувствуваа сите граѓани, од сите политички партии, независно на етничката и религиската припадност

-

УДБА не постои уште од распадот на Југославија и осамостојувањето на нашата држава. Тврдењето дека двојното убиство на младата Вања и велешанецот Жежовски се случило поради ширење на страв пред избори, исто така „не држи вода“. Киднапирањето на Вања се случи утрото на 27 ноември, а набрзо после тоа истиот ден таа била и убиена. Да била целта на убиствата да се шири страв меѓу населението пред избори, случајот ќе беше оставен нерешен. Но, случајот е решен и сите осомничени се во притвор, а главниот осомничен Палчо е во екстрадициски притвор во Турција, каде што беше пронајден неколку дена по убиството, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Вирална објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски, кои го потресоа македонското општество се дело на УДБА со цел сеење на страв пред избори. Ова се манипулации и невистини.

Случајот “Палчо” е дело на Удба за сеење страв пред избори што следат мај 2024та 🤔🙄, пишува во објавата.

Истрагата за двојното убиство сè уште трае и поради тоа многу детали не ѝ се познати на јавноста, ама на социјалните мрежи константно се споделуваат разни шпекулативни теории за мотивите за убиствата.

Таква е и оваа објава која тврди дека киднапирањето и убиството на младата Вања, како и убиството на велешанецот,  за кои е осомничен Љупчо Палевски – Палчо е дело на УДБА, за да се сее страв пред избори. Ова не е вистина.

Прво, УДБА не постои. Таа не постои уште од распадот на Југославија и осамостојувањето на нашата држава.

Управата за државна безбедност (УДБА) била југословенска тајна разузнавачка служба и полиција, формирана во 1946 година со реорганизација на тогашната служба за безбедност – Одделот за заштита на народите (скратено ОЗНА) на цивилен и воен оддел. Од Првиот и Вториот оддел на ОЗНА, во рамките на Министерството за внатрешни работи на ФНРЈ била формирана Управата за државна безбедност, а од Третиот оддел на ОЗНА била формирана Контраразузнавачката служба на армијата на Југославија. Во 1967 година службата била федерализирана, односно секоја република добила своја служба за безбедност (СДБ), додека пак, на федерално ниво останала Федералната службата за државна безбедност, чии овластувања сè повеќе се намалувале. СДБ во тој период имала свое раководство на федерално ниво, но секоја држава имала своја служба за безбедност.

По осамостојувањето на Република Македонија, во рамките на Министерството за внатрешни работи, СДБ продолжува да ги остварува задачите утврдени со Уставот и законите на Република Македонија. Во 1995 година, со реорганизација на органите на управата, СДБ се преименува во Дирекција за безбедност и контраразузнавање (ДБК) а со измена на Законот за организација и работа на државната управа, во 2000 година, ДБК се преструктуира во Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) задржувајќи ги работите поврзани со системот на државната безбедност. Од 2019 навака УБК излегува од составот на Министерството за внатрешни работи, а како дел од реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјава се формира Агенција за национална безбедност (АНБ), која дејствува на нејзино место.

Тврдењето дека убиството се случило поради ширење на страв пред избори, исто така „не држи вода“. Имено, киднапирањето на младата Вања се случи утрото на 27 ноември, а набрзо после тоа, истиот ден, таа била и убиена.

Изборите од друга страна воопшто не ни беа закажани кога се случија овие грозоморни убиства, иако се знаеше дека ќе се случат напролет. На 4 декември парламентарните политички партии постигнаа договор парламентарните избори следната година да се одржат на 8 мај, односно првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, додека вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај.

Ова значи дека изборите ќе се одржат нешто повеќе од шест месеци по двете убиства. Доколку се сакало да се постигне некаков страв пред изборите, овие криминални дејствија немаше да се случат толку долго пред самите избори, туку непосредно пред нив.

Впрочем, нема никаква логика тврдењето дека целта на убиствата била да се шири страв меѓу населението пред избори. Да беше тоа вистина, случајот ќе беше оставен нерешен и ќе се ширеше страв дека убиецот се наоѓа меѓу нас. За да се шири страв пред изборите немаше да има само еден ваков случај туку ќе имаше и други за понатамошно заплашување. Но, случајот е решен и сите осомничени се во притвор, а главниот осомничен Палчо е во екстрадициски притвор во Турција каде што беше пронајден неколку дена по убиството. Тоа го прави тврдење за мотивот на убиството целосно нелогично.

Плус сосема е нејасно кој е тој што треба да биде наводно плашен пред изборите? Врз кого треба да се сее страв? Случајот толку многу ја вознемири македонската јавност што во тие неколку денови додека се открија сторителите несигурност чувствуваа сите граѓани, од сите политички партии, независно на етничката и религиската припадност.

Инаку, според првичните информации, соопштeни од МВР на 4 декември кои во текот на истрагата може и да се променат, мотивот е користољубие, односно изнуда на пари, но планот се изјаловил и барањето за откупот не се реализирало.

Иако сè уште постојат нејаснотии околу мотивот за убиствата и истрагата допрва треба да го докаже, а судот да го потврди, она што е познато е криминалното минато на Палчо. Тој зад себе има историја на кривични дела и кривични пријави во изминатите децении, па воопшто не е чудно дека тој е организатор и дел од ваква криминална шема.

Вистиномер во опширна анализа веќе пишуваше за тоа кој и како го израсна „чудовиштето од нашето маало“, првоосомничениот за двојното убиство, лидерот на партијата Десна, Љупчо Палевски – Палчо.  Против Палевски од 2000 година наваму биле поднесени серија кривични и прекршочни пријави, ама нему досега „влакно“ не му фалеше. Министерството за внатрешни работи на 4 декември информираше дека против Палевски во минатото се поднесени најмалку пет кривични и неколку прекршочни пријави.

Поради сите наведени факти, оваа објава ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...