fbpx

Магла, чемер и јад во Скопје – Новогодишните празници ќе ги дочекаме со смог

Магливото време без ветер е најавено за денешниот и утрешниот ден, како и за новогодишната ноќ. Ваквата временска прогноза важи не само за Скопје, туку и за другите делови од земјата

-

Доколку сè уште не сте купиле новогодишен поклон за најблиските, еден од подароците што сигурно ќе ги израдува славениците се маски против аерозагадување. За оние граѓани кои ќе останат во Скопје за продолжениот викенд што следи, рано предупредување утрово пристигна од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) дека денес и во следните денови по котлините ќе има појава на магла и нема да има ветер.

Магливото време без ветер е најавено за денешниот и утрешниот ден, како и за новогодишната ноќ. Ваквата временска прогноза важи не само за Скопје, туку и за другите делови од земјата.

Прагот на алармирање поради многу високото ниво на аерозагадување е вклучен во Скопје и Струмица. Концентрациите со ПМ-10 честички веќе неколку денови во овие градови се надминати и изнесуваат над 150 микрограми на метар кубен.

Вчера најзагрижувачки податоци за дневните концентрации на ПМ-10 честички во воздухот имало на мерната станица Лисиче – 220,9 микрограми на метар кубен. Под прагот на алармирање во Скопје бил загаден воздухот на Ректорат – 130,9, Центар – 111,1, Гази Баба – 102,2, Ѓорче Петров – 77,9 и Миладиновци – 58,1 микрограми на метар кубен, покажуваат податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Да потсетиме, максимално дозволените среднодневни концентрации на ПМ-10 честички во воздухот се 50 микрограми на метар кубен.

Она што е уште поалармантно, се концентрациите на поопасните ПМ-2,5 честички во воздухот. Утрово во 8 часот, загадувањето во Битола со ПМ-2,5 било застрашувачки 133,7 микрограми на метар кубен, односно загадувањето било за над пет пати поголемо од дозволените концентрации.

Во Тетово присуството на ПМ-2,5 честички во воздухот изнесувало 118,2 микрограми на метар кубен. Во Струмица утрово имало концентрации од 88,9 микрограми на метар кубен на атмосферски честички кои имаат дијаметар помал од 2,5 микрометри. Енормно загадување од три пати над максимално дозволените концентрации на ПМ-2,5 честички имало во Ѓорче Петров, Кичево и Гази Баба.

Поради енормното загадување, стапија на сила владините препораки и мерки во случај на надминување на концентрациите на ПМ-10 честички во воздухот од над 150 микрограми на метар кубен, кои важат во моментов за Скопје и Струмица. За останатите градови низ земјава, каде дневните концентрации на ПМ-10 се под 150 микрограми на метар кубен, важат следниве препораки. 

Кои мерки треба да ги почитуваат скопјани поради аерозагадувањето?

Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Министерството за здравство, се должни да им препорачаат на сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Исто така, се препорачува работодавците да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Во Скопје се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50% употребата на службените возила. Исто така, се задолжува да се обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и општините се должни да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници, како и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство ја задолжува Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до Институтот за јавно здравје за бројот на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина е должен да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите коишто поседуваат А – интегрирана дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија, со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – интегрирана дозвола за намалување на капацитетот на производство до 50%, со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите коишто произведуваат топлинска или електрична енергија.

Скопските општини и Градот Скопје се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините во делот на аерозагадувањето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...