Слабо возиме точак и пешачиме, иако апликации нудат поволности за поминати километри [инфографик]

Апликацијата Challenger е лансирана во август 2020 година и досега има околу 11.000 корисници што ја употребуваат. Со секој изминат километар пешки или на точак, преку апликацијата се собираат поени, со кои може да се одберат попусти во Challenger продавницата

Фото: Архива на Мета.мк

Македонските граѓани не се премногу заинтересирани за користење на велосипедот како превозно средство, но постои апликација која може да го промени ваквиот став не само за велосипедскиот превоз, туку и за пешачењето. Апликацијата Челинџер (Challenger) веќе трета година активно им нуди на македонските граѓани можност да стекнуваат поволности и да штедат емисии на стакленички гасови во своето секојдневие, а досега ја користат околу 11.000 граѓани.

Како е во Европа?

Во европските земји, од 20 до 40 отсто од сите патувања граѓаните ги вршат со велосипед или пешки, а овој процент е најголем во Холандија. Најчесто пешки се движат граѓаните од Велика Британија, додека Холанѓаните, Данците и Швеѓаните најчесто возат велосипед, покажуваат податоците на Европската комисија.

Пешачењето е најчесто на кратки патувања до пет километри, па така дури 45 отсто од граѓаните на Велика Британија се движат пешки. Кај велосипедскиот превоз, дури 39 отсто од сите патувања пократки од пет километри што ги прават холандските граѓани се на точак. Во Македонија вакви статистички податоци не можат да се најдат на веб-страницата на Државниот завод за статистика.

Сепак, еден споредлив индикатор за состојбата во македонското општество со користењето на еколошки и здрав вид на транспорт со она на Европа е процентот на домаќинства кои поседуваат велосипед. Според последните достапни податоци што ги вкрстивме, од информациите достапни од Евростат, Статиста и македонскиот Државен завод за статистика, македонските домаќинства се на самото дно според поседувањето велосипед.

Па така, дури 80 отсто од домаќинствата во Германија поседуваат велосипед, а ова превозно средство во своите домови го имаат и 70 отсто од Полјаците и Норвежаните. Наспроти нив, само 37 отсто од Македонците и скромни 27 отсто од Грците имаат велосипед во своите домаќинства.

Ако се земат предвид ваквите статистички бројки, не треба да биде за чудење фактот што македонските улици и паркинзи се „закрчени" од возила, а велосипедските патеки се празни или служат за паркирање на автомобили, по добро познатата изрека „Се враќам, да завршам работа за пет минути“. Слабостите за возење велосипед ни се добро познати и Мета.мк за нив подолг период наназад има пишувано, но овој пат ќе известуваме за тоа како дигиталната писменост и една апликација може да ги мотивира граѓаните да користат повеќе велосипед или да пешачат.

Возењето џип најмногу загадува, велосипедот и јавниот превоз најеколошки [инфографик]

РЕПОРТАЖА: Не секоја скопска населба нуди нормални услови за возење велосипед [фото]

Да се биде велосипедист во Скопје значи да си учесник во сообраќајот од втор ред

Challenger ги мотивира граѓаните да возат точак и да пешачат

Апликацијата Challenger е лансирана во август 2020 година и досега има околу 11.000 корисници. Со секој изминат километар пешки или на точак, преку апликацијата се собираат поени. Со собраните поени може да се одбере попуст на некои од местата во Challenger продавницата. Исто така, секој корисник може да одбере предизвик, за чие исполнување може да добие награда. Апликацијата го користи Google Fit за точно да ги измери дневните активности пешки или на точак на корисниците.

Олга Рајчиќ од тимот на Грин ИТ ДОО што ја има изработено мобилната апликација вели дека нивната заедница досега успеала да оствари над 1 милион поминати зелени километри, а со тоа и да заштедат испуштање на емисии на јаглерод диоксид во воздухот.

Кога живеевме во ковид-19 пандемијата, одзивот на корисници на апликацијата не бил голем, но затоа пак денес користењето на Challenger меѓу граѓаните расте. За изработката на оваа апликација, нивниот тим во 2019 година добил прво место на регионален натпревар за зелени бизнис идеи во Западен Балкан.

Рајчиќ вели дека апликацијата ја користат млади со навршени 18 години до луѓе на 75 години. Бесплатна е за користење, а бенефитите првенствено за помладите сограѓани се неколкукратни.

„Прво, стануваат дел од една еко-свесна заедница. Како втора придобивка е тоа што за секој поминат километар освојуваат поени, а тие поени може да се заменат за попусти во локални бизниси во нашата држава“, објаснува за Мета.мк, Олга Рајчиќ.

Мнозинството од бизнисите каде можат да се искористат попустите се во Скопје, Битола и Гевгелија, но нивниот тим работи на проширување низ целата земја.

Во делот на предизвиците кои се нудат во самата апликација, најбрзите и најдобрите корисници добиваат директни награди од бизнисите кои соработуваат со Challenger.

„На крајот од денот, го гледаат и својот личен импакт, односно придонес кон општеството – колку зелени километри имаат собрано, а колку имаат заштедено CO2 емисии, благодарејќи на нивната активност“, додава Рајчиќ.

Со користењето на Challenger, младите можат да дадат пример за своите врсници во користењето на еколошко средство при патувањата, кое не го загадува воздухот и не предизвикува емисии на стакленички гасови кои ги предизвикуваат климатските промени.

Воедно, младите им помагаат и на локалните бизниси, од каде што добиваат попусти коишто ги користат преку купувањата што ги вршат.

Олга Рајчиќ потенцира дека токму младите имаат поголема тенденција да знаат полесно да ја користат нивната апликација, но за оние што не можат да се снајдат во нејзиното користење, тие имаат тим за техничка поддршка.

Ефективното користење на технологијата, како дел од дефиницијата за тоа што претставува дигитална писменост, сè повеќе и повеќе се зголемува во доменот на мобилните апликации, од аспект на тоа што постојат дигитални решенија коишто прават некој општествен придонес.

„Проблемот е што не толку многу сме присутни во медиумите и не толку сме јасно препознаени за да може уште повеќе корисници и уште повеќе жители да ја користат не само нашата, туку и многу други апликации коишто се достапни на нашиот пазар, а дигитализацијата покажува дека сè повеќе и повеќе ќе има вакви решенија коишто ќе решаваат многу горливи проблеми“, вели Олга Рајчиќ.