Да се биде велосипедист во Скопје значи да си учесник во сообраќајот од втор ред

Паркирани возила на улица Московска во Карпош; Фото: Мета.мкФото: Мета.мк

Исечени столпчиња за заштита на велосипедските патеки, паркирани автомобили на просторот каде што треба да се движат велосипедистите, необележани или несоодветно обележани велосипедски патеки, неискастрени гранки од дрва што висат над патеките, контејнери за отпад на патеките и бројни шајки, стакло, песок и други опасни материи за гумите на велосипедите. Ова е грдата слика од велосипедската инфраструктура во Скопје, која во моментов може да се забележи низ главниот град.

Да потсетиме, велосипедот е најеколошкото превозно средство, кое воопшто не предизвикува загадување на воздухот, нема влијание врз климатските промени, ниту пак предизвикува проблеми со паркирањето и нема удел во сообраќајниот хаос во Скопје. Тој е и најевтиното средство за транспорт, но се чини дека овие предности не се доволни за да биде соодветно вреднуван во Скопје.

За да ја увиди состојбата во која што се наоѓа велосипедската инфраструктура низ Скопје, Мета.мк и годинава ги помина со велосипед поголем дел од населбите низ главниот град. И речиси една година подоцна по нашата претходна репортажа, Скопје сè уште има населби кои немаат велосипедски патеки (Сарај, Драчево, Шуто Оризари, Железара, Бутел итн.) или немаат адекватни врски со веќе изградените главни вело траси. Потсетуваме дека должината на велосипедски патеки од околу 100 километри не е доволна за Скопје, но овој пат се одлучивме да испитаме во каква состојба во моментов се наоѓа велосипедската инфраструктура што веќе е изградена.

Една од првите велосипедски рути што беше завршена од Градот Скопје пред неколку години, е трасата од владиното седиште преку мостот „Гоце Делчев“ и истоимениот булевар, улицата „Беласица“ и булеварот „Александар Македонски“ низ населбата Автокоманда во правец кон Маџари и Хиподром.

Уште под плоштадот „Скендербег“ забележавме огромна дупка од пропадната шахта во недоволно осветлениот подземен премин, во која некој велосипедист може да пропадне. Неосветлениот терен и удолницата го прави ова место ризично за движење на велосипедистите. Кај плоштадот „Скендербег“ и Судската палата, велосипедските патеки во двата правца во минатото биле обележани кога оваа вело рута била воведена, но денеска хоризонталната сигнализација на патеките е целосно избледнета. Означувањето на просторот наменет за велосипедисти го нема, а идентична е и состојбата на улицата „Беласица“ пред трговскиот центар Ист Гејт.

Неодржуваната хоризонтална сигнализација на оваа вело рута ги доведува во опасност велосипедистите. Во правец на булеварот „Александар Македонски“, забележавме дека градските служби ја кроеле тревата, при што искроената трева не беше собрана од велосипедската патека. Во исто време, кај автобазата на ЈСП-Скопје не се искастрени гранките од дрвата, а поради спуштените гранки не може да се помине со велосипед на патеката.

На терен забележавме дека велосипедската патека по улицата „Благоја Стевковски“ во населбата Маџари воопшто не е обележана. Нема хоризонтална и вертикална сигнализација, а на просторот за движење на велосипедистите на неколку места забележавме непрописно паркирани возила кои го блокираат движењето, како на пешаците, така и на велосипедистите.

Во исклучително лоша состојба е и велосипедската патека на булеварот „Киро Глигоров“, која служи за поврзување на населбата Автокоманда и индустриските објекти во овој дел на Скопје со општина Аеродром. Дел од патеката кај скопската пивара воопшто не е обележан со хоризонтална сигнализација, додека на најголем дел од патеката може да се забележат шајки, отварачи за конзерви, остатоци од стакло и други ситни предмети што може да ги дупнат гумите на велосипедот. На оваа велосипедска патека најдовме и песок и камења, а исклучително е опасен за движење делот на раскрсницата кај Универзитетот ФОН, каде што е ископана огромна дупка веќе подолго време и велосипедистите се приморани да се движат по земјен пат.

Во Општина Аеродром, забележавме дека велосипедската патека на булеварот „Киро Глигоров“ е делумно обележана до одредено место, така што обележаниот простор завршува до отворен хидрант. Кај трговскиот центар „Бисер“ на булеварот „Јане Сандански“, поради уништени столбови за спречување на паркирањето, возила непрописно се паркираат на самата велосипедска патека и го блокираат движењето на велосипедистите.

Враќајќи се назад од Транспортниот центар кон плоштадот „Македонија“, забележавме дека првата велосипедска патека што прописно беше обележана од Градот Скопје пред повеќе од 10 години веќе е запуштена. Избледнет е просторот на кој некогаш била поставена хоризонтална сигнализација, додека велосипедската патека кај продавачите на стари книги на Кејот „13 Ноември“ е преполна со дупки.

При движењето со велосипед низ скопските улици и булевари, се уверивме дека исклучително опасни се сообраќајниците каде што автомобилите и автобусите го делат коловозот со велосипедистите. Станува збор за велосипедските патеки на булеварите „Кочо Рацин“ и „Св.Климент Охридски“ во Центар, улиците „Втора Македонска Бригада“ во Чаир, „Московска“ во Карпош и „Борис Сарафов“ во Ѓорче Петров.

Без исклучок на сите овие улици, забележливо е дека се исечени или целосно откорнати рефлектирачките заштитни столбови што треба да спречат непрописно паркирање на автомобили на просторот наменет за велосипедисти. Небезбедно за возење е на булеварот „Св. Климент Охридски“, улиците „Московска“ и „Борис Сарафов“, бидејќи на овие сообраќајници нема широки пешачки патеки, кои велосипедистите би можеле да ги користат како алтернатива на блокираниот простор од паркирани возила.

При нашето движење на овие сообраќајници, забележавме десетици возила кои ги блокираат велосипедските патеки, што доведува до директно загрозување на безбедноста во сообраќајот на велосипедистите. Забележливо е дека заштитните столбови на патеките се уништуваат пред продавници или пред влезови на куќи, кои понатаму се користат за непрописно паркирање на автомобили.

Вело-инспекцијата ја продолживме и низ населбата Ѓорче Петров, каде долж истоимената улица воопшто не е извршено обележување на велосипедската патека. На оваа улица возила се паркираат на просторот што е предвиден за движење на пешаци, така што велосипедистите и пешаците делат еден ист мал простор за движење. Идентична е состојбата и на булеварот „Крсте Петков Мисирков“ кај Бит-пазар во Чаир, како и на булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода.

И во Ѓорче Петров, идентично како и во Кисела Вода, забележавме ситни отпадоци на самите велосипедски патеки, кои не се исчистени од екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје. Треба да се напомене дека ваквите отпадоци се особено присутни во близина на контејнерите за отпад. Тие се поставени долж улицата „Ѓорче Петров“, но ги има и на други локации низ Скопје, како што е булеварот „Партизански одреди“ во Карпош и Центар.

На велосипедската инфраструктура низ Скопје при нашето возење забележавме бројни дупки и разни други оштетувања, коишто не се санирани. Покрај под плоштадот „Скендербег“, опасна оштетена шахта на велосипедската патека има и на булеварот „Киро Глигоров“ кај „Бриколаж“, раскопана и несанирана е велосипедската патека спроти Судската палата кај недоградената зграда на ФИНКИ во универзитетскиот комплекс на УКИМ, раскопан и несаниран е дел од асфалтот на улицата и велосипедската патека кај влезот во автобазата на ЈСП во Автокоманда, како и на неколку други локации низ Скопје.

Севкупната слика од нашата обиколка на вело-стазите низ Скопје е дека градските власти водат недоволна грижа за сето она што досега е изградено како велосипедска инфраструктура. Она што е изградено низ Скопје не се одржува, а поради ова се нарушува безбедноста во сообраќајот на велосипедистите. Од нашата обиколка, може слободно да се истакне квалификацијата дека велосипедистите се учесници во сообраќајот од втор ред во Скопје.

Мета.мк до Градот Скопје, којшто е директно надлежен за одржување на велосипедската инфраструктура, во понеделникот испрати неколку конкретни прашања: колку често се мијат и метат велосипедските патеки од ЈП „Комунална хигиена“, кога ќе постави хоризонтална сигнализација на патеките и дали планираат да спроведат акција за тековно одржување на вело-инфраструктура низ главниот град. Прашавме и колкав е бројот на возила што на дневно ниво се казнуваат, односно колку несоодветно паркирани возила на велосипедските патеки дневно од ЈП „Градски паркинг“ се собрани со пајак. На сите овие прашања до денешен ден не добивме одговори, иако и телефонски нѝ беше ветено дека Градот Скопје ќе одговори.

 

Текст и фото: Бојан Блажевски