Возењето џип најмногу загадува, велосипедот и јавниот превоз најеколошки [инфографик]

Фото: Бојан Блажевски

Старите половни дизелаши испуштаат најмногу штетни гасови во атмосферата, додека велосипедот како превозно средство е убедливо најеколошко од аспектот на спречување на климатските промени. Податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање објавени на веб-страницата klimatskipromeni.mk покажуваат дека меѓу дизелашите најголеми загадувачи се џиповите, односно теренските возила.

Во нивната анализа е направена споредба на различни видови на возила во патниот превоз, кои ги опфаќаат просечните дневни емисии на јаглерод диоксид (CO2) по патник на изминати 12 километри дневно со различните превозни средства. Па така, теренско возило – џип што вози на дизел со ЕУРО 3 мотор за да го измине ова растојание во атмосферата ќе испушти 2,61 килограми на јаглерод диоксид.

Наспроти ова, доколку се вози идентичниот џип со ЕУРО 3 мотор на бензин, тогаш ќе се испуштат 2,21 килограми на јаглерод диоксид при поминати во просек 12 километри. Ова покажува колку всушност дизел возилата загадуваат повеќе во споредба со бензинците, особено доколку се набавени со ЕУРО мотори со пониски стандарди.

Она што може да се забележи од анализата кај автомобилите е дека плинските уреди во нив придонесуваат и постарите возила помалку да го загадуваат воздухот. Патничко возило со ЕУРО 2 мотор (средна класа) ако вози на бензин испушта 1,79 килограми на јаглерод диоксид, додека истото возило на плин за поминати 12 километри има емисии од 1,57 килограми на CO2.

Во однос на климатските промени, преку практичен пример може да се разбере колку новите возила се поеколошки во споредба со користењето на половни возила во сообраќајот. Хибриден автомобил со ЕУРО 6 мотор (средна класа) за поминати 12 километри испушта само 0,74 килограми на јаглерод диоксид.

И податоците во нашата земја, идентично на достапните информации од ЕУ, покажуваат дека јавниот превоз е многу поеколошко превозно средство од индивидуалниот превоз. На пример, автобус од градскиот сообраќај со ЕУРО 1 мотор кој сообраќа на дизел, и во просек превезува 40 патници, на изминати 12 километри испушта 0,41 килограми на CO2.

Конечно, велосипедот како превозно средство е најголемиот пријател на животната средина, бидејќи граѓанинот којшто ќе измине 12 километри низ градот со велосипед без помошен мотор нема воопшто да испушти јаглерод диоксид во атмосферата.

Инаку, од целокупниот транспорт во земјава, токму патниот превоз е главниот предизвикувач на емисијата на стакленички гасови во атмосферата. Поради тоа што сме континентална земја, бродскиот транспорт нема никаква улога во испуштањето на штетните гасови, додека авиосообраќајот има многу помали емисии од патниот транспорт. Поради неразвиеноста на железничката инфраструктура, превозот со воз има исто така исклучително минорна улога во загадувањето во Македонија.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека со текот на годините, а првенствено поради увозот на половни возила од странство што најчесто го користат дизелот како гориво, уделот на транспортот во вкупните емисии на стакленички гасови во земјата незапирливо расте. Ако се погледнат податоците во секторот Енергетика, во 1990 година транспортот имал удел од 8,2 проценти во создавањето на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид, додека во 2016 година неговиот процентуален удел се зголемил на дури 28,1 проценти.

За да се спречи растот на загадувањето и да се намалат емисиите во иднина, државата веќе планира да воведе еколошка такса за нафтените деривати, но и да го забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди на емисии. Паралелно со ова, воведени се скромни субвенции за инсталирање на плински уреди во постарите возила, при што со основањето на државниот еколошки фонд се очекува во наредниот период ваквата финансиска поддршка кон граѓаните значително да се зголеми.