Повеќе од двојно зголемен увозот на половни возила во првото полугодие од годинава [инфографик]

Фото: Архива на Мета.мк

Увозот на половни возила од странство не само што не се намалува, туку во првото полугодие од годинава е забележано повеќе од двојно зголемување на бројот на внесени стари возила во Македонија. Според податоците на Царинската управа на РСМ, импортерите на стари возила успеале да внесат 20.505 половни возила во периодот јануари-јуни 2021 година, додека како нови неупотребувани возила се увезени речиси тројно помалку – 3.410.

Како и досега, најголем интерес има за увоз на половни автомобили од странство, при што во првите шест месеци во земјава влегле вкупно 18.996 автомобили на старо, односно за над 10.000 повеќе во споредба со истиот период од 2020 година. Експанзијата на увозот на старите возила од странство не е случајна, поаѓајќи од фактот дека министерот за економија Крешник Бектеши во јануари годинава вети дека во Македонија годинава ќе се забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандард на емисии на издувни гасови.

И по седум месеци од даденото ветување, од Министерството за економија пред неколку дена за Мета.мк рекоа дека сè уште се изработува анализата која ќе треба да ги даде податоците за промена на Правилниците за зголемување на стандардите за увоз на возила од странство, односно да се укине увозот на половни возила во земјава со под ЕУРО 4 стандардот. И додека се готват измени од државните органи, на терен наголемо се внесуваат стари возила со поминати десетици и стотици илјади километри во странски земји, кои патем, најчесто сообраќаат на дизел гориво и се голем загадувач на воздухот.

Во првите шест месеци од годинава, увезени се 1.401 половни камиони, како и 498 нови товарни моторни возила. Воедно, податоците на Царинската управа покажуваат дека се внесени и 10 нови автобуси и минибуси, како и 108 половни возила за превоз на патници.

Да потсетиме, забрзаниот раст на увоз на половни возила од странство влијае на зголемување на бројот на регистрирани возила во земјава. Токму транспортот, односно патниот превоз, е загрижувачката гранка каде што во изминативе години е регистриран пораст на емисиите на стакленички гасови во атмосферата, кои се причинител на климатските промени. „Мета.мк“ пишуваше дека во 1990 година транспортот имал удел од 8,2 проценти во емисиите на стакленички гасови од секторот Енергетика, додека во 2016 година неговиот удел се зголемил на дури 28,1 проценти од вкупните емисии.

Поаѓајќи од фактот дека од странските земји најчесто се увезуваат дизел возила, кои патем постепено се исфрлаат од употреба во развиените држави-членки на ЕУ, транспортот има значаен удел и во загадувањето на воздухот со штетни емисии во градовите, кои пак допринесуваат за огромни реакции на јавноста особено во зимските месеци.

Покрај тоа што Владата сака да го забрани увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандард на емисии на издувни гасови, централната власт требаше од почетокот на јули да ја воведе еколошката такса за нафтените деривати, со која до 3,5 денари за литар е планирано да се зголеми цената на бензинот и дизелот во земјава. За сметка на ова, државата нуди субвенции за вградување плин во возилата, како и ослободување од посебен данок на моторни возила кај електричните возила и ослободување до 50 проценти од данокот кај хибридните возила.