РЕПОРТАЖА: Не секоја скопска населба нуди нормални услови за возење велосипед [фото]

Фото: Мета.мк

Скопје за првпат во својата историја годинава ја надмина должината од 100 километри велосипедски патеки на својата територија, а градските власти се гордеат со податокот дека секоја година успеваат да изградат над 10 километри нови велосипедски патеки во главниот град. Градот Скопје пред две години за прв пат го доби и Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 година, којшто дава патоказ кон унапредувањето на овој вид превоз во македонскиот главен град за изминатиов период.

И покрај напорот што е вложен од градските власти во годините зад нас, се чини дека не секоја населба во Скопје има подеднакви услови за нормално возење велосипед, што подразбира постоење на велосипедска патека од главните вело коридори до самото населено место. Даме Груев, Волково, Сарај, Драчево, Радишани, Железара, Шуто Оризари се дел од скопските населби каде што постоењето велосипедска патека е “мислена именка”.

Ги свртевме со велосипед овие населени места и се уверивме дека во одредени делови од Скопје не само што не постојат услови за возење велосипед, туку тоа може да биде и опасно по безбедноста и животот на граѓаните.

Велосипедската прошетка ја започнавме од кружниот тек во населбата Ѓорче Петров, каде што и завршува патеката за движење на велопедистите. Од тука натаму, кон населбите Даме Груев, Ново Село, Кисела Јабука и Волково велосипедистите имаат секојдневни маки со своето движење. Во овој дел од Скопје живеат околу 40.000 жители.

Тие мора да одберат – да го споделат тесниот простор на патеките со пешаците или да возат по коловозот на улиците. Првата опасна точка за велосипедистите е надвозникот пред населбата Даме Груев. Просторот наменет за движење на велосипеди и пешаци е исклучително тесен, а додека бевме на терен, забележавме десетици велосипедисти како возат по коловозот наменет за возилата.

Надвозникот пред населбата Даме Груев со тесниот простор за движење на пешаци и велосипеди; Фото: Мета.мк

Со еден од жителите од населбата Даме Груев поразговаравме. Тој ни посочи дека движењето по надвозникот е опасно, бидејќи самиот простор за движење на велосипедисти и пешаци е тесен, а подлогата не е реконструирана и можеш да си ги оштетиш гумите од велосипедистот. Затоа, вели нашиот соговорник, велосипедистите овде се движат по асфалтираниот коловоз за возилата.

„Би направил некоја друга патека, да биде означена, ама џабе, и да биде означена, пак ги паркираат колите. Колите ги паркираат кај што треба да поминува велосипедот“, се жали нашиот соговорник од населбата Даме Груев.

И навистина, кога продолживме кон самата населба, забележавме паркирани автомобили на пешачката патека од двете страни на улицата Лука Геров. Движејќи се кон Волково по главната сообраќајница, на одредени делови ја снемува и самата велосипедска патека, правејќи го исклучително опасно движењето со ова превозно средство на две тркала.

Во разговор со жителите од овој дел од Скопје, тие ни споменаа дека во нивните населби нема ниту еден километар изградена велосипедска патека.

„Не само во мојата населба, општо, да се вози велосипед не е баш безбедно. Не само заради тоа што нема доволно место каде да се вози, туку и затоа што мислам дека велосипедот не е доволно почитуван во сообраќајот“, ни посочи млад жител од населбата Даме Груев.

Веднаш по него, се сретнавме и со постар жител во осмата деценија од неговиот живот, кој до денешен ден не се откажува од превозното средство на две тркала. Тој додава дека населбата Даме Груев и околните населени места не се плански градени за денешниот број на жители. Улиците се тесни, а за да се изведат велосипедски патеки треба да се руши зеленило, огради, па дури и куќи.

Откако се уверивме во лошата состојба во овој дел од општина Ѓорче Петров, прошетката со велосипед ја продолживме кон Сарај. Услови за возење велосипед има до мостот пред населбата Сарај, каде што и завршува велосипедската патека. Од тука па натаму, кон Сарај, Љубин, Матка или друго населено место од оваа скопска општина може да се движите единствено по тесна пешачка патека, и тоа онаму каде што ја има.

Пред влезот во Сарај, се сретнавме со две велосипедистки кои јулскиот попладневен ден го беа искористиле за да се провозат до Матка. Да се вози до ова познато рекреативно место во Скопје е ризично, а речиси половина пат од Сарај до Матка нема воопшто никаква пешачка патека.

„Доста е ризично, бидејќи возиме по улица најголем дел. Има многу сообраќај, многу коли, доста е ризично“, вели една од соговорничките.

Таа ни кажа дека доста е ризично за велосипедистот да биде учесник во сообраќајот, и самата таа неколку пати имала инцидент со својот точак, бидејќи е приморана да вози по улица.

„Има многу сообраќај, многу коли“, вели таа.

Недостатокот на основна инфраструктура за возење велосипед може многу лесно да се забележи и во други населби низ Скопје. Па така, исклучително опасно за возење велосипед е потегот од крајот на проширувањето на булеварот Борис Трајковски во Пинтија кон населбата Драчево. На овој потег, во моментов не постои ниту пешачка, ниту велосипедска патека, па граѓаните се приморани да бираат движење по улица или во прашина и кал да ја минуваат крај патот оваа траса.

Фото: Мета.мк

На влезот пред мостот во населбата Драчево со години наназад како предупредување за велосипедистите стои закачен велосипедот – споменик со натпис „Системската негрижа за велосипедистите уби човек“. Градот Скопје кон крајот на јуни годинава го почна проширувањето и реконструкцијата на оваа улица во должина од над 2,3 километри, со што Драчево конечно ќе може да се поврзе преку велосипедска патека со останатиот дел од Скопје. Целосната изведба на оваа улица во булеварско решение ќе трае неполни две години, а до тогаш на граѓаните кои со велосипед патуваат кон Драчево им преостанува единствено со огромно внимание да се движат по коловозот.

Во Скопје не постојат велосипедски патеки ниту во населбите Шуто Оризари, Радишани и Железара, каде што живеат десетици илјади граѓани. Па така, на пример, доколку сакате со велосипед да посетите пријател или да завршите некаква работа во Железара, по патека со велосипед ќе може да возите единствено до булеварот Александар Македонски. Од тука па натаму, по улиците 16-та Македонска бригада и Коце Металец нема патека за движење велосипедисти, за што постојат и сообраќајни знаци за крај на велосипедска патека. Како и во многу населби во Скопје, и тука на велосипедистите им е оставен избор – да се движат по пешачка патека или да го споделат коловозот со возилата.

Крајот на велосипедската патека во населбата Автокоманда; Фото: Мета.мк

По долготрајната прошетка со велосипед низ главниот град, нашиот впечаток е дека постои нееднаков третман во развојот на велосипедската инфраструктура односно не секоја скопска населба им нуди нормални услови за движење на велосипедите. Во изминативе години се вложија средства во развој на неопходната инфраструктура во централните скопски општини Центар, Карпош и Аеродром. Сепак, за Скопје да постане вистински вело град, неопходно е во секоја од населбите во главниот град да има одвоени патеки за движење на точаци.