fbpx

Сигналите од ВМРО-ДПМНЕ за учество во „техничката влада“ се недвосмислени

Иако формалните правдања се дека еден дел од конзервативното крило во партијата е против, иако партијата формално даде еден куп забелешки за ликот и делото на Џафери (од тоа дека бил дезертер до неговите кршења на Деловникот и злоупотреба на функцијата претседател на Собранието), сепак, сигналите што ги испратија во последните неколку дена сериозни претставници на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, Бранислав Петрушевски и генералниот секретар на партијата, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, упатуваат на заклучок дека опозициската партија ќе учествува во „техничката влада“

-

Повеќе сигнали од високи функционери и претставници на ВМРО-ДПМНЕ укажуваат дека партијата ќе учествува во преодната, „пржинска или техничка влада“. Тоа што органите на партијата допрва ќе решавале за тоа прашање може да биде или за политички маркетинг, дотолку повеќе што за технички премиер е веќе номиниран Талат Џафери, или заштита на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кој јавно бараше укинување на техничката влада, а учество во нејзе со предлог премиер од ДУИ го оцени како понижувачко, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Дилемата што се наметна во јавноста од страна на опозицијата дека „ќе размислела“ дали да учествува во „техничката влада“ што ќе ја предводи Талат Џафери, се чини е наметната само за дополнителен политички маркетинг пред изборите на тема „патриотизам“.

Иако формалните правдања се дека еден дел од конзервативното крило во партијата е против, иако партијата формално даде еден куп забелешки за ликот и делото на Џафери (од тоа дека бил дезертер до неговите кршења на Деловникот и злоупотреба на функцијата претседател на Собранието), сепак, сигналите што ги испратија во последните неколку дена сериозни претставници на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, Бранислав Петрушевски и генералниот секретар на партијата, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, упатуваат на заклучок дека опозициската партија ќе учествува во „техничката влада“.

Членот на раководството на партијата, пратеникот Антонио Милошоски во интервју за Сител уште минатата недела изјави дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во преодната влада која колоквијално се нарекува „техничка влада“:

Милошоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ би требало да учествува во техничката влада со цел ДУИ и СДСМ што поефикасно да бидат развластени.

И не само да има прифаќање на изборниот процес. Гледаме дека власта работи нетранспарентно, до денес како јавност ги немаме сите документи за Беса Транс за кој беше посочувано дека МВР чувале документи во фиока, ги немаме сите документи за Бехтел и Енка кои ги чуваат како државна тајна, не знаеме колку одлуки има донесено Груби за државата да ја претвори во територија на казино на ДУИ и неговите пријатели, изјави Милошоски.

Во веста што ја извадиле во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ од интервјуто на Милошоски на 11 декември, има уште подециден и појасен став:

Затоа нашата цел доколку одлучиме да учествуваат во техничката влада  би требало да биде да паднат што поскоро СДС и ДУИ што се совпаѓа со желбата на мнозинството од граѓаните. Ценам дека министер за внатрешните работи, труд и социјала и тројца заменици во земјоделие, финансии и министерство за информатичко општество и администрација би биле добар влог во зголемување на изборниот систем и намалување на малверзациите на СДС и ДУИ.

Истиот ден (11.12.2023) во интервју за Топ Тема на Телма, како што објави ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Бране Петрушевски децидно изјавил дека органите на партијата ќе донесат таква одлука, при што потенцирал и зошто тоа треба да се случи:

Со министри во техничка влада може од прва рака да видиме, наместо да ги класифицираат договорите како Еколог за фабриката за електрични возила во Тетово каде дупка не е ископана да видиме каде и како завршиле тие пари. Да го видиме и договорот за Бехтел и Енка, да видиме како Артан Груби направи Македонија да биде казино центар, да ги видиме сите тие криминали

Конечно и генералниот секретар на партијата, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски исто така на 11.12. 2023 гостувајќи на Анализа на 24 ТВ изјавил:

Нашите можности се отворени да влеземе или не во таа влада, но очекувањата се да партиципираме, бидејќи ако гледаме наназад гледаме дека корупцијата, криминалот и можноста за поткуп, како и сомнежот што ќе се фрли во изборниот процес е голем за да не учествуваме. Ова се размислувања и ќе повторам како ВМРО-ДПМНЕ ќе анализираме, ќе разговараме и по донесување на став со сите тела ќе ја запознаеме јавноста дали ќе учествуваме или не, изјави Сајкоски, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Ваков став изрекоа и други претставници на партијата во изминатите неколку дена. Оттука, дилемата дали ќе учествуваат или не може да е вештачка и да е мотивирана од потребите на политичкиот маркетинг на тема „патриотизам“, дотолку повеќе што ДУИ го номинираше Талат Џафери за технички премиер. Но, може да биде и појаснувачка кампања пред јавноста, дотолку повеќе што лидерот на партијата Христијан Мицкоски до крајот на ноември беше цврст противник и на техничката влада и на премиер од ДУИ:

Не само на овие избори, туку и на сите наредни избори и тоа е влада која што ќе може со политички легитимитет да ги води процесите, бидејќи ќе повторам во техничката влада има повеќе опструкции, отколку нешто кое што може да додаде вредност во процесот. Од друга страна понижувачки за мене е да гледам како партија во парламентот која што е очигледно во последно време во епицентарот на многу криминални и коруптивни скандали да номинира прв човек на таа позиција – изјави Мицкоски на 23.11.2023 во интервју за Канал 5, пренесува РСЕ.

Бидејќи овие ставови на Мицкоски беа повторени и потоа уште неколкупати (види тука), дилемите што ги пласираат од ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање може да се и во функција на заштита на лидерот, во смисла да не го збунат гласачкото тело дека едно говори лидерот, а друго решение се зазело на крајот.

Пишува: Т. Блажевски

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...