Точно еден месец од поплавите до денеска, сè уште нема конечен биланс на жртвите за кои знаеме дека се најмалку 23, но ниту една институција не ги отфрли неофицијалните информации за неколкупати поголема бројка на загинати, а не се знае бројката на исчезнати, изјави денеска во Стајковци портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој рече дека граѓаните од поплавените места сè уште не можат да си го вратат животот во нормала, a доцни и најавената парична помош од државата.

„Еднократната парична помош за семејствата на загинатите сè уште не е исплатена, а голем дел од поплавените граѓани не го имаат добиено ветениот аванс. Голем дел од поплавените живеат кај соседи, роднини, без елементарната покуќнина. Со поплавите исплива на виделина неодговорноста и неспособноста на власта на Никола Груевски и на Коце Трајановски во најсуровата форма – со ужасни последици“, рече Шилегов.

Портпаролот на СДСМ нагласи дека ниту една од државните институции не издала предупредување за невремето, обиколницата кај Стајковци вечерта на 6 август не била затворена за сообраќај, поради што многу граѓани останаа заробени во своите возила и имаше загинати.

„Следните денови единствено функционираше „ајфонот“ на Груевски кој замислуваше дека глуми во реално шоу, додека семејствата на загинатите не можеа да дојдат до телата на своите блиски во капелата во Бутел, бидејќи не им беа издавани документи. Не беше испочитуван ниту протоколот на Интерпол за идентификација на жртви настрадани во катастрофа, со земање отпечатоци и со ДНК-анализа. Потфрлија институциите што ние, граѓаните, ги плаќаме за да нè штитат. Затоа, одговорност мора да има и ќе има“, изјави Шилегов, додавајќи дека по 11 декември ќе дојде одговорна влада, која „парите на граѓаните нема да ги расфрла за тркала и за пиратски бродови, туку ќе изгради систем за заштита од поплави“.