fbpx

Седум години од вооружениот настан во „Диво Насеље“, вистинските организатори останаа непознати

-

Вчера се навршија седум години од вооружениот настан во кумановското „Диво Насеље“, кога вооружена група се судри со државните сили на Северна Македонија. Како резултат на тоа, животот го загубија осум полицајци, а 37 други беа повредени, додека од вооружената група загинаа 10 лица. Дополнително, во текот на борбите беа уништени десетици домови, со оглед на тоа што конфликтот се случи во урбана населба. Иако случајот има судски епилог, дури и финализиран во Северна Македонија со одлука на Врховниот суд, вистината за овој случај сè уште не е целосно разјаснета и се оспорува од одбраната. Сè уште не се знае кои биле вистинските организатори на настанот, известува Порталб.мк.

На 2 ноември 2019 година, две години и пет месеци по настаните од 9 и 10 мај 2015 година во кумановската населба „Диво Насеље“, а една година и осум месеци од почетокот на судењето, Основниот суд Скопје донесе првостепено решение против обвинетите за кривичното дело „Тероризам“.

Судска одлука:

  • 7 + 1 лица: доживотен затвор
  • 13 лица: по 40 години затвор
  • 6 лица: по 20 години затвор
  • 1 лице: по 18 години затвор
  • 2 лица: по 14 години затвор
  • 2 лица: по 13 години затвор
  • 2 лица со по 12 години затвор
  • 4 лица се ослободени

Поради одлуките, кои одбраната ги нарече драконски, имаше протести во Македонија, Косово и Албанија.

Осудените поднесоа жалба на решението, но Апелациониот суд, не ја промени првобитната одлука.

На 3 јануари 2022 година Врховниот суд на Северна Македонија ја потврди одлуката за овој случај. Според пресудата, Врховниот суд ги одбил жалбите на осудените како неосновани и ја потврди пресудата на Апелација. Според Законот за кривична постапка, одбраната нема право на жалба на одлуката на Врховниот суд.

Според тоа, вратите за осудените да ја бараат правдата во Северна Македонија се „затворени“, но тие можат да се жалат во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Потврдата на пресудата на Апелација значи дека казните кои им беа изречени на осудените од Кривичниот суд, а потоа потврдени од Апелација, важат и понатаму.

Ветената меѓународна истрага не се спроведе

Осудените, но и дел од јавноста и политичките претставници имаа сомнежи за инсценирање на случајот, со цел да се спречат протестите пред Владата по објавувањето на прислушуваните материјали, т.н. „бомби“ на тогашниот лидер на опозицијата, Зоран Заев. Станува збор за разговори кои претходно ги прислушувала македонската тајна служба, а преку кои се обелодени криминалот на власта која во тоа време ја водеше озлогласениот Никола Груевски, сега бегалец од правдата, кој беше во коалиција со албанската партија на Али Ахмети, ДУИ. Патем, ДУИ, е сè уште во власта.

Поради немање доверба во судството, а особено по сето она што се слушаше во објавените „бомби“ дека судии биле избирани од тогашниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков, во соработка со тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која дури водела тетратка со имиња на избраните судии, се бараше истрагата да ја спроведе независен меѓународен орган за да се утврдат фактите и околностите на вооружениот настан.

Меѓународна истрага се бараше и поради фактот што во јавноста беа дистрибуирани голем број (дез)информации кои во голема мера беа непроверени. Се шпекулираше дека случајот го монтирала македонската тајна служба во соработка со некои членови на групата, но тоа не беше расчистено во текот на судските рочишта.

Лидерот на партијата која беше на власт кога се случи настанот, но и откако Груевски падна од власт, Али Ахмети, го повтори ставот дека бараат група меѓународни експерти за расветлување на целиот случај. И опозицискиот лидер, Заев, откако стана премиер побара странци да истражат кој стои зад случајот.

Меѓународна истрага е побарана и од Алијансата за Албанците, беше најавена и од Министерство за внатрешни работи и поранешниот претседател и поранешниот премиер на Косово, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај. Претходно слично барање имаше и поранешниот министер за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, Претседателот на Советот за заштита на слободите и човековите права, во Приштина, Бехџет Шала, премиерот на Албанија Еди Рама и словенечкиот претседател Борут Пахор. Такви повици беа упатени и од европратениците, Канцеларијата за човекови права на ОН, Косово, Албанија, други политички личности и експерти за внатрешни работи.

Во точка 2 од Договорот на партијата Алтернатива за влез во Владата, кој беше потпишан на 5 декември 2021 година, се споменува и меѓународната истрага.

  • Владата ќе испрати формално барање до Европската комисија и ќе побара тим од независни експерти, кои ќе спроведат меѓународна истрага за процесите за кои има сомнение за политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир.

Сепак, засега нема конкретен развој околу меѓународната истрага.

ДУИ побара расчистување на случајот и потоа во Собранието се формираше Анкетна комисија, но освен конститутивната седница, комисијата нема направено ништо, а од адвокатите на осудените на крајот не беше побарано да достават докази или материјали.

И покрај судскиот епилог, сè уште не е констатирано дали случајот е монтиран и дали тајните служби на земјата биле вмешани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...