Говор на омраза и закани за Сојузот на средношколци по сатиричен напис со измислена содржина

Фото: Фејсбук страна на ССРСМ

Неодамна на веб поратлот „Кооперација.мк“ и во јавноста беше објавен сатиречен текст со наслов „САКАМ ДА СЕ УКИНАТ РАСПУСТИТЕ! САКАМЕ ДА УЧИМЕ !!!“, наводно напишан според изјава на средношколец и илустриран со фотографија од најскорешното гостување на претседателот на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ), ученикот Лука Павиќевиќ.

Во текстот се вели дека изјавата е дадена од страна на анонимен средношколец, но поради прикачената фотографија од Павиќевиќ, големото мнозинство читатели на постот кој достигна повеќе од 34.000 прегледи заклучи дека изјавата ја дал токму претседателот на сојузот, па одлучи дека е оправдано да се пишуваат коментари со погрдни зборови и заканувачка содржина на сметка на Павиќевиќ.

Од тие причини, од Сојузот известуваат дека заканите што ги добиле тие и нивниот претседател ги пријавиле во Одделението за компјутерски криминал на Министерството за внатрешни работи, а за случајот се информирани и ЗНМ, Советот за етика во медиумите, Меѓаши, УНИЦЕФ и Хелсиншкиот комитет.

„Клучно е да потенцираме дека станува збор за текст со сатирична авторска содржина напишана од автор на Кооперација.мк, а не вистинска изјава од било кој член на Сојузот на средношколци. Поради поставената слика на објавата од Лука Павиќевиќ, огромното мнозинство на читатели заклучија дека станува збор за изјава од страна на член на Сојузот на средношколци, поконкретно самиот претседател“, се вели во соопштението од ССРСМ.

Членовите на ССРСМ изразуваат големо незадоволство и разочарување и притоа нагласуваат дека како најголемата средношколска организација се оградуваат од било каква одговорност во врска со статијата на порталот „Кооперација.мк“.

„Ставот и барањата на Сојузот никако не се поврзани со конкретниов медиумски запис. Во тој поглед, сакаме да го искажеме нашето разочарување со личните напади, навреди и коментари директно насочени кон Лука Павиќевиќ и Сојузот. Сојузот е разочаран дека порталот не преземал ништо да ги отстрани коментарите со заканувачката содржина и што одлучил да ја употреби таа фотографија“, порачуваат од советот.

Оттаму додаваат дека ваквите ситуации дополнително ја докажуваат потребата за зголемена едукација и свест за медиумската писменост, впрочем една од како што велат нивните главни заложби како Сојуз.

„Ова е само додатен мотив за уште поупорно да работиме кон остварување на нашите цели“, подвлекуваат од Сојузот.