Формирано е ново здружение, според кое, основна задача и цел е да пружи точни и вистински информации за пациентите болни од рак и нивна поддршка во достапноста на терапии и третмани за лекување.
Во текот на вчерашниот ден и официјално во Централниот регистар била запишана асоцијацијата и платформа „Сè за рак“.
Од таму велат дека иницијативата и асоцијацијата имаат за цел да одговорат на предизвиците и потребите со кои се соочуваат пациентите со рак и да ги промовира подигањето на свеста и стратегиите за едукација и превенција од рак.
Асоцијацијата ќе ја води Здравко Јосифовски, поранешен претседател на НУК – Независната угостителска комора, кој веќе шест месеци се бори со рак на грло, односно рак на јазик.
„Примарните цели и активности на Асоцијацијата и платформата СЕ ЗА РАК вклучуваат: промоција и едукација за нега, помош и поддршка на пациенти болни од рак; информирање и промовирање за едукација и превенција од рак; создавање единствена онлајн платформа за објава и дистрибуција на сите информации на едно место поврзани со едукација и превенција на рак, како и информации за терапии и поддршка на пациенти болни од рак“, велат од „Сè за рак“.
Од асоцијацијата ги покануваат сите лица заинтересирани за превенција и едукација од рак на 4 февруари, Светскиот ден за борба против ракот, да се приклучат во одбележувањето на истиот во угостителскиот објект „Д ХАУС“ во Скопје.
„Целта на настанот е да дадеме наш допринос и заеднички да ја поддржиме глобалната кампања ЗАТВОРЕТЕ ГО ЈАЗОТ НА НЕГА (CLOSE THE CARE GAP) предводена од Унијата за меѓународна контрола на ракот (UICC), приклучувајќи се кон упатувањето на пораката до нашата Влада и владите ширум светот да ги решат нееднаквостите во пристапот до квалитетни услуги на потребите на пациентите болни од рак“, велат од „Сè за рак“.