Израел ја проширува офанзивата во Рафах, дом на преку милион раселени Палестинци

Истовремено, на главната хуманитарна агенција на ОН во Палестина ѝ се скратени средствата поради обвиненија за вклученост во нападот на Хамас, а преговорите за примирје тешко се движат напред

Фото: Рафа, Bigles, CC0, Викимедија комонс

Министерот за одбрана на Израел Јоав Галант соопшти на Х (поранешно Твитер) дека офанзивата на Израел ќе продолжи во градот Рафах, кој се наоѓа на границата со Египет, пренесува Гардијан.

Изминатите недели најголемите борби беа во градот Хан Јунис. Според Галант, главните структури на Хамас во Хан Јунис се погубени. Галант најави дека откако целосно ќе се заврши операцијата во Хан Јунис, израелската војска ќе замине во Рафах.

Рафах, кој инаку има население од околу 170.000 жители, моментално е дом на преку милион раселени лица, кои отишле во градот бидејќи им било кажано дека Рафах е безбедно место. Според Гардијан, не е прв пат Израел да нападне место кое претходно било обележано како безбедно.

Досега се убиени најмалку 27.000 Палестинци од почетокот на војната, вклучувајќи 118 во последните 24 часа.

Инаку, нова анкета за јавно мислење во САД покажува дека половина од американските жители сметаат дека израелската офанзива пречекорила со интензитетот на своите напади.

Истовремено, американски, катарски и египетски посредници преговарале со претставници од израелската разузнавачка служба за примирје меѓу Израел и Хамас. Се работи за шестнеделно примирје, кое би вклучувало размена на затвореници и заложници.

Израел го има прифатено договорот, а претставник од Катар вели оти Хамас дала иницијална потврда за истиот. Сепак, претставник од Хамас тврди дека сè уште не е прифатен договорот и дека изјавата на Катар била избрзана.

Агецијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), пак, најави дека ќе биде принудена да ги прекине своите активности до крајот на февруари доколку продолжи кратењето на нивните средства. Десет западни држави, вклучувајќи САД, ОК и Германија, го суспендираа финансирањето на УНРВА по обвиненија дека членови на агенцијата биле вклучени во нападот на Хамас на 7 октомври.

Министерката за надворешни работи на Австралија Пени Вонг, пак, најави дека е можно повторно да продолжат со финансирање на УНРВА. Вонг смета дека УНРВА е единствената организација која може соодветно да им пружи хуманитарна помош на жителите на Газа за време на оваа „сериозна хуманитарна криза“. Таа се повика на извештаи на Обединетите нации кои укажуваат дека 400.000 Палестинци гладуваат, а милион се во ризик да гладуваат.