fbpx

СДСМ бара смена на директорката на градинката „ Јасна Ристеска“ во Охрид

-

СДСМ од Охрид, ја обвини директорката на градинката „Јасна Ристеска“, Розе Костеска, и од градоначалникот Никола Бакрачески побара нејзина смена.

– Директорката на оваа градинка без согласност на Советот на Општина Охрид ја зголемила цената за полудневен престој, речиси двојно, од 800 на 1.500 денари. Исто така, самоволно, преку ноќ, донела одлука престојот на дечињата да се плаќа однапред, пред први во месецот. Имињата на дечињата за кои не е платено се објавуваат јавно, на списоци истакнати на влезот од градинката – обвини на прес-конференција, членот на Советот на Општината, Оливија Пирузева-Јанева.

Јанева додава дека директорката на родителите им наметнувала нови трошоци за употреба на брошури, прирачници и друга задолжителна литература, иако во предшколска установа не смее да има задолжителна литература.

– Да биде скандалот поголем, токму оваа литература е од Издавачката куќа „Едука мак паблишинг“, каде директорката е соработник, коавтор и рецензент. Овие примери се само дел од самоволните постапки на директорката, кои предизвикуваат огромен револт кај родителите – вели Пирузева-Јанева.

Директорката одговара дека во интерес на децата, сите директори соработуваат со некоја од издавачките куќи, за да се придонесе со своето знаење и искуство да се збогати фондот и квалитетот на литературата за деца од предучилишна возраст според Програмата за рано учење и развој.

– Во изминатата година и половина, обезбедени се соодветна стручна литература, дидактички материјали и средства, соодветен стручен кадар кој е лиценциран, променета е дограмата во три објекти, ставени се клима-уреди речиси во сите занимални, отворени се три нови групи во други просторни услови, реконструирани се дел од објектите и прибавени се имотни листови за сите објекти – додава Костеска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.