fbpx

Се турка еколошки спорниот проект за градби во охридското Студенчишко блато

-

Идејата, на потегот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“, по пат на јавно-приватно партнерство, да биде изградено пристаниште со хотели и други придружни туристички содржини, надлежните ја туркаат не обзирнувајќи се на протестите на стручната јавност и на граѓаните. Формирањето на туристичка развојна зона за што ќе биде искористено земјиштето кај Студенчишкото блато, кое не е урбанизирано, е веќе готова работа. Веќе е изработен и идејниот архитектонско-урбанистички проект за изградба на нова луксузна туристичка населба во заштитениот дел од Студенчишко блато.

На почетокот од септември минатата година, во Министерството за транспорт и врски во Скопје, беше одржана средба со претставници на Општина Охрид, на која била договорена изградба на пристаниште со хотели. Претходно се заговараше пристаниште кај Грашница, односно градското пристаниште. Вкупната површина на Студенчишкото блато изнесува околу 25 хектари. За овој заштитен еколошки простор, во јануари 2012 година е изготвена студија за негова ревитализација од Друштвото за еколошки консалтинг „Деконс – Ема“, во соработка со професори од Институтот за биологија во Скопје, Хидробиолошкиот завод, со еколози и со самостојни експерти. Во документот се нагласува дека уништувањето на Студенчишкото блато претставува опасност и за Охридско Езеро, кое, пак, е заштитено од УНЕСКО.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вели дека одлучиле пристаништето да се гради на просторот меѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“, со оглед на тоа што во моментов ваква локација во централното градско подрачје тешко може да се најде.

– Во изминативе 35-40 години, просторот кај блатото е целосно уништен и нема ништо од еден одржлив еко-систем. Пред десетина години, со средства на Министерството за заштита на животната средина, беше заштитен мал огледен простор. Беа отстранети тони најразличен отпад, по што природната вегетација се обнови. Локалната власт не ја оспорува потребата, за што со измените во генералниот урбанистички план, оставиле можност, доколку експертите кажат дека има услови и финансиски средства, да се ревитализира дел од Студенчишко блато, како заштитена зона, во согласност со постојната законска регулатива, пропишана од Министерството за животна средина – вели Бакрачески.

Предвидено е на просторот помеѓу каналот Студенчишта и некогашниот хотел „Парк“ да се градат серија од разновидни објекти, за кои е прашање како ќе влијаат врз присутниот биодиверзитет во Студенчишкото блато. На овој простор треба да се гради нова луксузна населба со хотели, ресторани, резиденцијални објекти и апартмани, меѓусебно поврзани со систем од канали и од езерца. Долж самото крајбрежје на Охридско Езеро, треба да никне долго најавуваното пристаниште, но и нова плажа со должина од 700 метри. Во подготвувањето на проектната документација за овие градби учествуваат Општина Охрид и Министерството за транспорт и врски. Според еколозите и експертите, најавените проекти ќе влијаат негативно врз биодиверзитетот на Студенчишкото блато, кое не само што претставува живеалиште на многу видови флора и фауна, туку е и природен филтер на Охридско Езеро, кое е заштитено од УНЕСКО.

Златко Левков, професор на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет, кој, како биолог, учествувал во изработката на студијата за валоризација на Студенчишко Блато, најавите за изградба на пристаниште ги оценува како вознемирувачки од низа причини. Очигледно е дека градските власти од Охрид не знаат или, поточно, не сакаат да знаат кое е значењето на Охридско Езеро и на природните пристаништа околу неговото крајбрежје.

– Како истражувач на Охридско Езеро, во изминатите петнаесетина години детално се запознав со негова разновидност и значење. Според низа научни работници (не само од Македонија), Охридско Езеро се смета за најзначаен воден екосистем од биолошки аспект во светот. Според низа свои карактеристики (уникатност, старост, разновидност), живиот свет од Охридско Езеро е поставен на врвот – истакнува професорот Левков.

Со негативни реакции се јавија и од Хидробиолошкиот завод во Охрид, најстарата научна установа на Балканот, која се занимава со заштитата.

Д-р Трајче Талевски, раководител на одделението за ципринидна фауна, предупредува дека навлегувањето на езерска вода во овој дел, односно ископување и директоен контакт на големи површини, ќе предизвика големи промени во самиот езерски еко-систем. Слојот од три-четири метри кисело тресетиште ќе направи окиселување на самото крајбрежје на Охридско Езеро. Тој потсетува дека пристаништа се градат во вода, а не се копа на суво, посочувајќи го примерот со пристаниште во Тиват, „Портомонтенегро“, кое на копно има само канцеларија, а сето друго е во море.

Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридско Езеро, се произнесе со дијаметрално спротивен став од своите сопартијци, иако претходно бил и државен секретар во Министерството за животна средина. За него, негирањето на постоењето и значењето на Студенчишко блато е негирање на Охридско Езеро.

– Потребен е сосема поинаков пристап кон оние 25 хектари што се под блатна површина, во согласност со студијата, за да се заштитат, ревитализираат и стават во функција како на еко-системот, така и на новата туристичка понуда на Охрид – категоричен е Пановски.

Тој укажува на првите меѓународни консеквенци. Имено, проект за заштита на Студенчишко блато, вреден 99.000 евра, нема да се реализира бидејќи германскиот донатор ги повлекол средствата од Охрид поради измена на плановите за блатото. Вратени се назад и ќе се искористат за некоја друга блатна површина во рамките на Дримскиот басен, на Преспанско, Охридско или Скадарско Езеро.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари беа добитници на наградата за слобода на печатот која ја доделува УНЕСКО за 2024 година по одлука на меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата се...