Спортската сала во Битола ќе го носи името на Боро Чурлевски

Советот на Општина Битола на 29 јануари ќе одлучува дали спорстаката сала „Младост“ ќе се преименува и ќе го носи името на ракометниот виртуоз Боро Чурлевски, кој почина пред еден месец. Иницијативата за преименување на спортската сала во Битола ја поднесе советничката Габриела Илиевска од ВМРО-НП.

Во иницијативата пишува дека името на Чурлевски е синоним за младоста на ракометниот дух на Битола, но и поим за спортист, кој со својата посветеност остави трајна трага на спортската историја на Битола.

– Запаметен по најголемите успеси што некој битолчанец ги постигнал во светот на ракометот, со својата улога во спортот придонесе Битола да биде афирмирана и позната. Ваквото постхумно признание би било уште еден доказ дека Битола никогаш не ги заборава своите големи луѓе – наведува советничката Илиевска.

Инаку, пред седум години, по трагичната смрт на Тоше Проески, кој беше ученик на средното музичко училиште во Битола, битолчани, и особено неговите обожаватели, поведоа иницијатива музичкото училиште да го носи името на Тоше, но тоа досега не се случи.

А.Б.