Европското првенство за жени ќе се игра во Македонија, Црна Гора и Словенија од 4 до 20 ноември

Фото: Ракометната федерација на Македонија

Под слоганот #PLAYWITHHEARТ, Македонија, заедно со Словенија и Црна Гора, есенва ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство во ракомет за жени. Првенството ќе се одржува од 4 – 20 ноември, а меѓу најдобрите 16 европски селекции, македонската женска ракометна репрезентација во прелиминарната фаза ќе настапи во рамки на групата Ц, заедно со Холандија, Романија и Франција, соопшти денес претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов.

Натпреварите од прелиминарната Ц група ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски,“ а билетите се веќе во продажба.

„За нас е голем предизвик и чест што можеме да бидеме организатори, ова е најголемиот настан кој се случува во Македонија. Ние сме во група со Франција, Холандија и Романија, во вториот круг доаѓаат репрезентациите со висок квалитет“, изјви Мукаетов.

Тој упати и апел до сите љубители на ракометот да дојдат и да им дадат поддршка на ракометарките.

„Ја повикувам македонската јавност да дојде во што поголем број да ги бодриме нашите репрезентативки, воедно во живо да ги видиме најдобрите европски ракометни репрезентации. Да уживаме во европски ракомет. Ќе имаме шанса и да ги видиме сите најдобри репрезентации од Европа во Скопје, како домаќини и на главната фаза. Воедно благодарност и до Владата која се зафати да ги досреди сите работи во СЦ “Борис Трајковски“ кои треба да се корегираат. Треба да покажеме дека сме подготвени да организираме врвен настап на европско ниво“, истакна Мукаетов.

Во рамки на настанот, Гордана Нацева – едно од најмаркантните ракометни имиња и капитен на некогашниот европски шампион Кометал Ѓорче Петров, беше промовирана во амбасадор на Women’s EHF EURO 2022 SLO/MKD/MNE .