Конференција во Скопје: Во трката за рамноправност жените се натпреваруваат со заврзани нозе

Жената не треба само пасивно да учествува  на масата, туку таа треба да е на чело на масата, да ја води дискусијата. Иако има напредок и во САД и во Северна Македонија во однос на ова прашање, сепак, жените не се доволно застапени во државниот и во приватниот сектор, заклучи амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер

Фото: Мета.мк

„Жените се натпреваруваат во трката за рамноправност со заврзани нозе“, рече Билјана Брејтвејт од иницијативата „Јадран“ која има за цел повеќе жени да бидат дел од органите на управување.

Таа на конференцијата со наслов „Успешни жени за успешен регион“, посочи дека во извештај од 2023 година се предвидува оти „ќе ни требаат уште 131 година за да бидеме еднакви, ако се движиме со ова темпо“.

Како што додаде Брејтвејт, тоа значи дека до 2155 година ќе има целосна родова еднаквост.

„Ниту ќерките наши, ниту нивните ќерки ќе живеат во свет кој нуди еднакви можности. Затоа е важно да се каже дека не можеме да продолжиме како што правиме досега. Аргументот наш е дека ако не делуваме и ако не промениме ништо, промените нема да се случат сами“, посочи претседателката на иницијативата „Јадран“.

Според неа, во 2022 година ЕУ усвои директива, според која до 2024 година сите држави членки треба да внесат законски одредби според кои сите големи компании треба да имаат 40 отсто жени на неизвршно ниво и 33 отсто на извршно ниво, до 2026 година.

„Поголемиот дел од жените во нашиот регион се соочуваат со одредени нееднаквости во политиката во јавниот живот, пристапот до образованието, приватниот живот“, истакна Бреjтвејт.

Фото: Мета.мк

На настанот говореше и сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска. Таа истакна дека женското лидерство мора да го скрши стаклениот покрив.

„Да влијаеме на подобрување на јавната свест за големата застапеноста на жените на менаџерските позиции. Невидливите бариери ги спречуваат жените да стасаат до највисоките нивоа во светот на бизнисот. Улога играат историски зададените норми за улогата на жената обликувани од патријархалните култури. Промените полека се случуваат, но потребно е уште работа“, заклучи Ѓоргиевска.

Видео обраќање имаше и амбасадорката на САД во С. Македонија, Анџела Агелер, која потсети дека зајакнувањето на жените е приоритет и на САД.

„Жените ги негуваат промените кои зајакнуваат и трансформираат заедници. Тие носат нови перспективи. Нам ни требаат силни лидерки. Еднаквоста е важна за социјалниот и политичкиот развој. Жената не треба само пасивно да учествува  на масата, туку таа треба да е на чело на масата, да ја води дискусијата. Иако има напредок и во САД и во Северна Македонија во однос на ова прашање, сепак, жените не се доволно застапени во државниот и во приватниот сектор“, заклучи Агелер.

И Фатмир Битиќи, вицепремиерот за економски прашања, исто така зборуваше за отсуството на жените на масите на кои се носат одлуки.

„Мораме да ги препознаеме придонесите на жените и да преземаме чекори за обезбедување за нивно целосно учество во процесите на носење одлуки. Ова не е прашање на дозвола, туку на правда и на еднаквост. Талентот и потенцијалот неправедно се занемаруваат и се дискриминираат“, рече тој.

Свои обраќања на настанот имаа и Бен Нупнау, заменик-шеф на делегацијата на Европската Унија во РСМ, потоа, Фатих Туркменоглу, раководител за Северна Македонија во Европската банка за обнова и развој, Славица Грковска, вицепремерка за политики за добро владеење, а пред присутните се обрати и Гордана Димитриеска Кочоска, поранешна заменик министерка за финансии во Владата, како и гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска.