Најмалку осум лица загинаа во најновиот руски ракетен напад, во којшто во изминатава ноќ беше погодена станбена зграда во градот Покровск во Донецкиот регион, јавува Гардијан. Украинските спасувачки тимови се на терен и работат на пронаоѓање преживеани лица под урнатините на петкатниот објект.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски информираше дека во ракетниот напад е погоден цивилен објект, и тоа најпрво со една руска ракета. По 40 минути од првичниот напад, следувал нов руски ракетен напад на идентичната локација, при што има жртви и меѓу спасувачките тимови коишто веќе излегле на локацијата на ракетирањето.
Гувернерот на Донецкиот регион, Павло Кириленко објави дека во руските ракетни напади врз Покровск биле оштетени две станбени згради, хотел, ресторан, продавници и административни зданија.
Дописникот на Фајненшл тајмс, Кристофер Милер опишува дека нападот на Покровск бил сличен на она што претходно се случи во Краматорск во мај. Тој прецизира дека руските сили со ракетниот напад на Покровск го таргетирале хотелот Дружба и пицеријата Корлеоне, каде што има голема фреквенција на новинари кои известуваат за војната во Украина, слично на нападот во Краматорск каде загина украинската писателка Викторија Амелина.
Извештаи за загинати и повредени лица од руските воени дејствија во Украина пристигнуваат и од други украински региони. Во Херсонскиот регион изминатово деноноќие загинал најмалку еден цивил, а 13 други се повредени, пренесува Укринформ.
Во регионот Запорижја најмалку еден цивил загинал како резултат на руските ракетни напади врз населени места. Руските сили испалиле ракети во дури 105 наврати во изминативе 24 часа, јавува Укринформ.
Во Харкивскиот регион загинале најмалку две лица, а 10 се повредени во руските ракетни напади на населени места во близина на градот Купјанск, пишува Укринформ.