fbpx

Руската пропаганда повторно шири паника за наводен пуч во Украина

Како и претходно, дезинформациите доаѓаат од руската државна агенција „РИА Новости“, но овојпат главен извор се говорни пораки на еден член од тајна Телеграм група. Автентичноста на снимените говорни пораки не може да се верификува, ниту пак, идентитетот на тој што ги испратил, пишува „Вистиномер“

-

Во регионот повторно кружат гласини дека украинските специјални служби се незадоволни од новото раководство на украинската армија и „подготвуваат“ државен удар. Како и претходно, дезинформациите доаѓаат од руската државна агенција „РИА Новости“, но овојпат главен извор се говорни пораки на еден член од тајна Телеграм група. Автентичноста на снимените говорни пораки не може да се верификува, ниту пак, идентитетот на тој што ги испратил, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Руската државна агенција „РИА Новости“, познат извор на дезинформации и пропаганда, повторно сее страв. Овојпат велат дека елитни единици на украинските вооружени сили подготвуват пуч против нивниот претседател Володомир Зеленски, бидејќи не биле задоволни од промените во армискиот врв, поточно поради разрешувањето на првиот човек на украинските воени сили, Валериј Залужни.

Нашите специјалисти добија пристап до извор во кој комуницираат претставници на различни елитни непријателски единици, како што се маринци, специјални сили, разузнавачи, специјални сили на СБУ [Безбедносна Служба на Украина], како и разни националистички баталјони. Станува збор за висококвалификувани специјалисти кои очигледно се незадоволни од промената на командата. Тие сериозно разговараат за опциите за соборување на актуелната влада и командата на вооружените сили на Украина, пишува во објавата на РИА Новости.

Потоа, еден куп медиуми од регионот по брза постапка го преземаа текстот –  Србија (1, 2, 3),  БиХ, Бугарија (1, 2, 3), но и во други земји. Некои од насловите гласат:

УДАРНО! Руските шпиони итно го предупредија Зеленски! Воен удар може да започне во секој момент, на власт доаѓа некој милионпати полош?!

Спутник дознава: Украинската армија ја разгледува можноста за соборување на Зеленски

СЕ ПОДГОТВУВА ПУЧ? Елитните единици на Украина го соборуваат Зеленски

За ваквите вести од украинската страна нема никакво официјално соопштение, ниту, пак, каква било реакција. Тоа е така, можеби затоа што ова не е првпат да се шири паника дека се подготвува „пуч“ против Зеленски.

Според објавата на „РИА Новости“, руските специјални служби добиле пристап до Телеграм група каде може да се слушнат говорни пораки од еден член на групата. Според Спутник, гласот е наводно на Максим Шевцов, командант на разузнавачката група на 80-та одделна бригада за воздушен напад на Украина:

Ако луѓето не дојдат во одбрана на Залужни, ако војската не дојде во одбрана на Залужни, тогаш овој стаорецот [Зеленски] ќе ги торпедира [отпушти] сите… Да го урнеме овој зелен стаорец и да го инсталираме Залужни! Всушност, Зеленски е тој што треба да се смени, а не Залужни. Овој стаорец чувствува дека има нула рејтинг, а Залужни има поголем рејтинг и [затоа Зеленски] се обидува да го торпедира, може да се слушне од аудио снимката.

Треба да се напомене дека пораките се пратени од еден член на групата, дека не може да се верификува автентичноста на снимените говорни пораки, или пак, идентитетот на тој што ги испратил. Исто така, незадоволство на еден војник, не е доказ дека има акциски план за спроведување на пуч.

Вакви (дез)информации не се никаква новост. Секогаш кога ќе проструи информација дека во украинското раководство има различни гледишта за некое прашање, медиумите шпекулираат дека тоа ќе биде капката што ќе ја прелее чашата и ќе следи државен удар.

Па така, во февруари српскиот портал „Србија Јавља“ објави:

Зеленски направи фатална грешка: Му се заканува пуч!

Во ноември минатата година Вечер.мк ја сподели веста:

ВОЈСКАТА СПРЕМА ПУЧ ПРОТИВ ЗЕЛЕНСКИ, црно му се пишува?!

Лани летото (21.08.2023), српскиот портал „Правда“ објави:

ПУЧОТ ВО УКРАИНСКАТА ВОЈСКА РЕАЛЕН? Зеленски направи потег што скапо ќе го чини

Македонскиот портал Инфомакс минатата пролет (06.03.2023) објави текст со наслов:

Дали на Зеленски му се заканува воен пуч? Во конфликт со Залужни поради Бахмут!“

Читајќи ги само насловите од овие вести се добива претстава дека во украинскиот врв има толку страшни тензии, небаре само што не се „распукал“. Но, доколку ги прочитате самите текстови ќе сфатите дека се најчесто преземени објави или анализи од сомнителни извори и имаат кликбејт наслови.

 

Што му претходеше на овој „пуч“?

Како и секогаш со ваквите вести коишто имаат цел да кренат паника и да сеат страв, особено меѓу Украинците, прашањето е што им претходеше и тоа гледано во поширок контекст?

Во таа смисла за одбележување е минатонеделниот настап на францускиот претседател Емануел Макрон, кој истакна дека „нема граници“ за француската поддршка за Украина. Што кулуминираше со потпишување на договор меѓу Франција и Украина за долгорочна поддршка и безбедност.

Исто така, украинскиот претседател Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, беа во официјална посета на Турција. За време на посетата, како што пишува МИА, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган со својот украински колега, меѓу другото, рзговарал за „Договорот за коридорот за извоз на жито и потрагата по постојан мир во регионот“. Според реномираниот француски дневник „Ле Монд“, Зеленски го посетил и бродоградилиштето Тузла, каде се градат бродови за украинската морнарица од типот Корвета.

Несомнено двата настана се значајни за Украина, со оглед на тоа што две години по започнување на конфликтот, украинската војска се соочува со сериозен недостиг на муниција, а веќе се чувствува и т.н. „замор од Украина“, односно недостиг на волја кај одредени држави да ја продолжат финансиската помош за Украина. Но, и „замор“ кај граѓаните во европските држави, бидејќи се обезбедува социјална помош, вдомување и нови работни места за украинските мигранти во време на висока стапка на инфлација и невработеност кај нивната општа популација.

Дополнителен и значаен притисок е тоа што има застој во американскиот Конгрес околу финансиската помош на Украина. Се смета дека ова ќе биде само увертира за едното можно сценарио на овогодинешните претседателски избори во САД. Како што изјави унгарскиот претседател Виктор Орбан по средбата со бившиот претседател на САД Доналд Трамп:

Тој [Трамп] нема да даде ниту денар во војната Украина-Русија. Затоа, војната ќе заврши, бидејќи е очигледно дека Украина не може да застане на свои нозе.

 

Пишува: Матеј Тројачанец

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Денеска се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството...