Откако Русија покрена потерница за истражувачкиот новинар Христо Грозев, бугарски државјанин, новинар и извршен директор на меѓународниот колектив за истражувачко новинарство „Белингкет“, амбасадорката на Русија во Бугарија, Елеонора Митрофанова денеска беше повикана во Министерството за надворешни работи на Бугарија. Таа во изјава за медиумите по излегувањето од МНР кажа дека не ја знае точната причина зошто Русија го бара Грозев, известува бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.
„Не се знае кое е конкретното обвинение против Христо Грозев. Нашето министерство не ја кажува причината. Немам информација зошто го бараат Христо Грозев, но го бараат само во Русија. Тој може да оди каде сака“, изјави руската амбасадорка Митрофанова.
Кратко по изјавата на амбасадорката, на Твитер реагираше и Грозев:
„Руската амбасадорка вели дека не знае зошто ме бара Русија, но и дека ‘нема да го бркаме околу светот, и ова само значи дека уште еднаш му порачуваме дека е непожелен овде’. Значи .. тие ме ‘бараат’, за да ми кажат дека не ме ‘сакаат’?“
Russian ambassador says she doesn't know why I am on Russia's "Wanted" list, but that "we won't chase him around the world, and this just means that one more time we are telling him he's not wanted here".
So.. they "want" me, to tell me they not "want" me?https://t.co/wmedq5CHXo— Christo Grozev (@christogrozev) December 29, 2022
Грозев, кој е во Белингкет од 2015 година, се прослави со своите новинарски истраги со кои го раскринка руското тајно влијание и руските агентури во Бугарија, но и пошироко, како и со статии за неправилностите и злите дејствија на официјален Кремљ.
Потерницата против Грозев официјална Софија ја смета за груб притисок и заплашување на новинарството.
Во однос на потерницата за Грозев, по изјавата на руската амбасадорка во Софија, руската амбасада во соопштение за јавноста појаснила дека „нарушувањето на руското законодавство доведува до соодветни правни последици, независно од видот на дејствување на обвинетото/осомниченото лице или неговото државјанство“.
Руската амбасада во соопштението тврди дека наводно ова не било заплашување на новинарот или закана за неговиот живот.
И Христо Грозев претходно кажа дека нема информации какво е обвинението против него и рече дека ја очекува поддршката од бугарската држава затоа што се плаши за својата и за сигурноста на неговото семејство. Досега помош му понудиле четири други држави, но не и Бугарија, известува бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.
Се претпоставува дека е гонет од Москва поради неговата работа околу обидот за труење на рускиот опозиционер Алексеј Навални и слични други случаи во последниве години.
Бугарија и нејзините институции се во постојан контакт со новинарот Христо Грозев, многу пред информацијата дека е баран од Руската Федерација да стане горлива новинарска тема, кажа техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев на последната владина седница за оваа година, пишува mediapool.bg.
Според Донев, Бугарија не е официјално информирана од руската страна за обвинението покренато против Грозев.
„За нас овој чин е неприфатлив, тој претставува нарушување на слободата на говорот и обид за заплашување бугарски граѓанин. Затоа владата преку МВР ќе изрази официјален протест за распишувањето потерница за бугарскиот граѓанин Христо Грозев и ќе инсистира да добие целосна информација за основите за таа одлука. Добро е да не забораваме дека во интерес на безбедноста на Грозев е дејствијата за неговото заштитување да не се третираат само декларативно во новинарските емисии“, рече Донев.