fbpx

Ревизорите утврдија: Нема стратешко планирање и контрола на состојбата со шумите

Серија на забелешки има Државниот завод за ревизија во однос на управувањето со македонските шуми во изминатиов период

-

Во Македонија постои отсуство на стратешко планирање и систематско следење и контрола на состојбите со шумите, недоволен капацитет и организација при извршувањето на управни и стручни работи кои влијаат на остварувањето на целите за управување и стопанисување со шумите во насока на нивно трајно сочувување и зголемување на нивната површина и вредност, е заклучокот на Државниот завод за ревизија во однос на состојбата со управувањето со македонските шуми.

Во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство Сметка на основен буџет (637) се констатира дека недостасува стручен кадар од областа на правото и шумарството кој е неопходен во Секторот за шуми и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Исто така, ревизорите констатирале дека до август 2021 година не била спроведена ниту една од првично планираните активности за сузбивање на растителни болести и штетници во шуми и шумски култури, по што средствата биле пренаменети за пошумување.

„Не е донесен Општ план за стопанисување со шумите, предвиден со член 24 од Законот за шумите, како еден од основните плански документи за управување со шумите со важност од 20 години, кој треба да го донесе Собранието на предлог на Министерството“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Ревизорите критикуваат и дека не е направена национална инвентаризација на шумските ресурси и не е воспоставен катастар на шуми и шумско земјиште и информативен систем за обезбедување на сите неопходни информации за состојбите и промените на шумскиот фонд.

Државните ревизори забележале дека не е формиран Национален совет кој треба да го следи управувањето, стопанисувањето и чувањето на шумите и шумското земјиште, а не е изготвен ниту Национален план за управување со пожарите на отворен простор.

Сите горенаведени неправилности се во спротивност на повеќе членови од актуелниот Закон за шуми.

Ревизорите бараат да се коригираат ваквите недостатоци, но и да се донесе ревидираната Стратегија за одржлив развој на шумарството и Акцискиот план за нејзина реализација за период 2024-2026 година.

Од Државниот завод за ревизија воочиле и дека издавањето на испратници за исечено дрво се врши без регистар, евиденција и контрола, не се вршело попис на залихите на испратници, а не може ниту да се потврдат приходите на сметката по основа на плаќања за издадени испратници затоа што ексел табелата била загубена, утврдиле ревизорите при контролата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои се наведени во Конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2021 година на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство Сметка на основен буџет (631).

Ревизорите утврдиле и дека средствата за финансирање на Програмата за проширена репродукција на шумите се обезбедуваат од буџетот врз основа на надоместоците кои се уплаќаат во буџетот од субјектите кои стопанисуваат со шумите во државна сопственост и во приватна сопственост во висина од 3 отсто од вредноста на исечено дрво, франко камионски пат, и 3 отсто од продаденото дрво од страна на субјектите кои вршат промет со дрво.

„Со Ревизијата констатиравме уплати од физички и правни лица на сметката на Министерството во вкупен износ од 4.508 илјади денари, по основ на надоместок за проширена репродукција. Имајќи предвид дека овие средства се приход од Буџетот, од страна на Министерството не е извршен пренос на истите во корист на Буџетот, што не е во согласност со член 95 од Законот за шумите. Утврдената состојба влијае на нивото на остварени приходи во Буџетот на државата, како и на висината на обезбедени средства со Програмата за проширена репродукција и создава ризик од ненаменско трошење на овие средства“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...