Европскиот парламент побара носење Закон за забрана на неплатеното стажирање

Според предлогот, практикантите треба да бидат соодветно компензирани така што во најмала рака треба да им бидат покриени трошоците за основните животни потреби како што се храна, домување и превоз

Photo by Dylan Gillis on Unsplash

Неплатената практикантска работа е на чекор да биде забранета во ЕУ, откако Европскиот парламент повика на нови правила за да престане злоупотребувањето на практикантите.

Парламентот во средата го изгласа Извештајот за квалитетно стажирање, кој предвидува да се постават минимални стандарди за квалитет, вклучувајќи и правила за времетраење на праксата. Според предлогот, практикантите треба да бидат соодветно компензирани така што во најмала рака треба да им бидат покриени трошоците за основните животни потреби како што се храна, домување и превоз – притоа земајќи ги предвид трошоците во секоја земја-членка.

Извештајот ги повикува државите во блокот да го направат стажирањето подостапно за лицата со попреченост и за оние од ранливи категории, но и да го поттикнат прекуграничното стажирање.

Неодамнешното истражување на Евробарометар покажа дека четири од пет млади луѓе што биле анкетирани поминале најмалку едно стажирање, а секој петти млад човек рекол дека првото работно искуство му била практичната работа.

Друго истражување покажало дека неплатеното стажирање младите во Европа ги чинело повеќе од 1.000 евра месечно, принудувајќи ги да живеат на она што истражувуачите го нарекоа „буџет за тестенини“, пишува „Брисел Тајмс“.

„Ова гласање е одлучувачки чекор што ќе им помогне на повеќе млади луѓе од различно потекло да влезат на пазарот на труд. Европската комисија не може да ги изневери младите сега. Време е за обврзувачка легислатива што ќе ја забрани неплатената практикантска работа засекогаш“, изјавил член на одборот на Европскиот младински форум за „Брисел Тајмс“.

Европската комисија треба да го разгледа извештајот и да иницира носење на закон според него.