Ректорската управа на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) закажа вонредна седница за понеделник, со почеток во 8 часот, информираат оттаму.
Во соопштението испратено од ректорот во заминување, Велимир Стојковски, се изразува загриженост за случувањата околу изборот на нов студентски лидер.
– Длабоко сум загрижен од информациите што беа објавени во медиумите за случувањата со студентските избори, кои беа под секое достоинство, како и со употреба на полициски сили со оклопни возила во академски студентски избори. Поради тоа, упатувам апел до сите студенти, членови на СПУКМ, членови на „Студентскиот пленум“, членови на студентски иницијативи и на други форми на организирање на студентите, за воздржаност од какви било активности кои дополнително би ја усложниле ситуацијата, што би можело да доведе до сериозни последици од повеќе аспекти – вели Стојковски во соопштението испратено до јавноста.
Притоа се нагласува дека Универзитетскиот сенат на конститутивна седница, одржана на 27 јуни, формирал комисија за измена на Статутот на УКИМ во делот кој се однесува на студентското организирање.