Членовите на Студентски парламент, исплашени од заканите на „Студентски пленум“ дека ќе ги блокираат изборите за нов лидер, побарале да им биде обезбедено физичко присуство на полициски припадници пред канцелариите на СПУКМ и на факултетите, како и при транспортот на кутии од факултетите кон канцелариите, информираат од МВР.
Оттаму велат дека по затворањето на гласањето, добиле повик зашто група студенти пред канцелариите на СПУКМ го попречувале внесувањето на избирачкиот материјал. Полициски службеници излегле на местото на настанот и откако извршиле разговор со пријавителите, си заминале.
Од полицијата велат дека откако бројот на студентите кои се наоѓале пред УКИМ се зголемил на 150, членовите на Студентскиот парламент повторно побарале обезбедување, затоа што, како што пишува во соопштението на МВР, лицата кои биле пред канцелариите им светеле со ласери и им се заканувале дека доколку излезат, истите ќе ги бојадисаат.
„По пријавата, на местото на настанот, превентивно се распоредени соодветни полициски сили за да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир и да се овозможи нормално движење на студентите пред и во објектот. Во тој момент пристигнале тројца студенти кои носеле гласачки кутии и од страна на групата студенти собрани пред објектот, биле навредувани со погрдни зборови, им биле упатувани закани и не им било дозволено да влезат во објектот. Полициските службеници превентивно и без употреба на средства за присила се поставиле пред влезот на објектот, за безбедно да влезат тројцата студенти. Кога тројцата студенти со гласачките кутии пристигнале пред вратата на објектот, таму веќе се наоѓале група студенти кои не им дозволувале да влезат во објектот и им ја одзеле едната кутија, при тоа фрлајќи ја на земја, и почнале да им се закануваат. Дел од студентите кои биле поставени зад полицискиот кордон, се обиделе да го пробијат, но истите од страна на полициските службеници се задржани на безбедно растојание и преземени се мерки за одалечување на лицата кои се наоѓале пред влезот на објектот“, пишува во соопштението на МВР.
Во соопштението се вели дека околу 23.30 часот, лицата кои биле во канцеларијата се обиделе да излезат од задната страна на студентскиот дом, биле пресретнати од поголема група граѓани кои почнале да им се закануваат и затоа полициските службеници поставиле блокада. Од полицијата информираат дека лицето К.С. и уште десетина студенти се обиделе да излезат од задната страна на објектот, но биле пресретнати од групастуденти, при што К.С. бил вербално навредуван и, како што велат од полицијата, во еден момент бил удрен со тврд предмет, поради што заедно со другите студентите се вратил во објектот, а групата се упатила кон нив и ја скршиле задната врата.